„Алжир е убав како Америка“ – нов графички роман во издание на „Бункер“

„Алжир е убав како Америка“ од француските автори Оливија Бартон (сценарио) и Махи Гран (цртеж) е новиот графички роман што го издаде „Бункер“.

Се работи за графичко дело што ја раскажува приказната за „Црните стапала“ – луѓето со француско потекло кои живееле во Алжир во периодот од 1830 до 1962 година.

„Дали по повеќе од половина век од независноста, војната во Алжир е навистина завршена? Ништо не е сигурно, бидејќи товарот на страдањата на актерите се пренесува на нивните потомци. Црни стапала е погрден назив за луѓето со француско потекло, кои биле родени и живееле во Алжир во периодот од 1830 година до 1962 година кога, по крајот на крвавиот алжирски конфликт, биле принудени да ја напуштат земјата и да се вратат во Франција. Оливија Бартон е црно стапало. Расте во Франција, слушајќи приказни за митскиот Алжир разорен од пеколот на војната, чии лузни се уште се чувствуваат на двете страни од Медитеранот. На 40 години и покрај предупредувањата, решава сама да отпатува и да ја запознае земјата на нејзините корени“, се вели во описот за книгата.

Издавачот „Бункер“ го издаде романот како осми во рамки на едицијата „Апсолутни почетници“. Имено, романот е преведен на многу јазици, а македонското издание е првиот превод во регионот. Преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с.

„Колонијализам, расизам, војна, пост-воени трауми… ниту една болна тема не останува недопрена. И покрај тоа делото е раскажано на непретенциозен и духовит начин, без заземање страна. Со графичкиот роман, терапевтското патување и откривањето нова земја, Оливија Бартон гради нови мостови помеѓу Франција и Алжир, мостови помеѓу минатото и сегашноста. Има ли подобар и поефикасен начин конечно да се стави крај на војната?“, пишуваат од „Бункер“.