Алпинистичките локалитети заборавени од државата, федерацијата започнува акција за нивно уредување

Македонската аплинистичка федерација започна акција за уредување на повеќе алпинистички локалитети како Матка, Демир Капија, Остра Карпа, Лешница и Солунска Глава, која ќе трае во наредните четири години.

Предвидено е да се исчистат алпинистичките насоки од ронливи делови во карпата, да се отстрани вегетацијата, да се заменат дотраените клинови, да се уредат сидришни точки, ќе се маркираат пристапните патеки и ќе се постават патокази и информативни табли.

Сепак, од федерацијата велат дека динамиката на активностите ќе зависи пред се од динамиката на обезбедување на потребните финансиски средства. За таа цел, федерацијата ќе отвори потсметка на која ќе може да се уплаќаат средства од спонзори, донатори и подржувачи. Покрај тоа, очекува и институционална помош за што се изработени неколку проектни документи.

„Состојбата во алпинистичките локалитети во Македонија е прилично загрижувачка, а тоа најмногу се должи на тоа што Македонската алпинистичка федерација досега нема добиено институционална подршка за уредување или подобрување на состојбата во алпинистичките локалитети.

Македонските алпинисти речиси шеесет години се грижат за алпинистичките локалитети во земјава, а во последните триесет години сите активности за средување на алпинистичките локалитети се изведуваат со сопствени средства на алпинистичките клубови. Исклучок е алпинистичкиот локалитет Плоча кој беше уреден преку проект изработен од македонската алпинистичка асоцијација и локалните клубови и добиена странска донација“, стои во соопштението на федерацијата.

Последните активности за уредување на алпинистичките локалитети, алпинистичките клубови од земјава ги спроведоа во периодот од 2004 до 2008 година при што беше извршена замена на клинови и беа поставени сидришни точки во карпите на Матка, Демир Капија и Солунска Глава. Активностите беа спроведени со сопствени средства на алпинистичките клубови.

„Безбедноста во алпинистичките локалитети и нивната целокупна уреденост има огромно значење за безбедно изведување на алпинистичките качувања, но и за развојот на алпинизмот во земјава“, сметаат од федерацијата.

„Во последниве години нашите алпинистички локалитети стануваат атрактивни и за странски алпинисти, па тоа може да се гледа и како форма на туристичка содржина, што е од особено значење за развој на авантуристичкиот туризам.

Интервенции во алпинистичките локалитети можат да вршат само квалификувани алпинисти кои имаат завршено соодветна обука во согласност со правилникот за работа на Македонската алпинистичка федерација и тие секогаш треба да се изведуваат под надзор на инструктор по алпинизам“, додаваат.

Во алпинистичкиот локалитет Матка има околу четириесетина алпинистички насоки кои се главно искачени во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век. На пример, во алпинистичкиот локалитет Демир Капија има триесетина алпинистички насоки кои во најголемиот број се искачени во последните дваесет и пет години.

На Солунска Глава, во Нежиловски Стени, има триесетина насоки кои се качувани главно во педесетите, осумдесетите и деведесетите години. Неколку алпинистички насоки се искачени во последниве десетина години. На Солунска Глава е направено првото алпинистичко искачување во земјата, кое што е изведено во триесетите години од минатиот век.

На Лешница кој е најатрактивен зимски алпинистички локалитет во Македонија, најголемиот број од алпинистичките насоки се искачени во осумдесетите години во рамките на подготовките за проектот на македонските хималајски експедиции, информираат од федерацијата.

На локалитетот Остра Карпа има петнаесетина алпинистички насоки. Остра Карпа е најквалитетниот алпинистички локалитет на гранитна карпа во земјата, велат од федерацијата.