Не запираат реакциите по трагичниот случај со 68-годишниот Југослав Николовски, познат од соседите како чичко Југо, кој беше прегазен од моторциклист на пешачка патека кај Паркот на Франкофонија во Скопје, откако се симнал да фрли ѓубре пред својот дом.
Случајот досега го следеа повеќе нејаснотии и контроверзии. Прво, возачот немал возачка дозвола, ниту возел сопствен мотор „Кавасаки“. Второ, очевидците меѓу кои соседи, рекоа дека полицијата воопшто не ги викнала да ги праша што виделе. Трето, моторџијата Фатон Љ. не бил приведен од полицијата, туку по два дена сам се пријавил во станица, откако прво избегал од местото на трагичниот настан.
Возачот со судска одлука прво отиде во куќен притвор. Одлуката беше обжалена од Обвинителството, па дури пред еден ден Основен суд 1 ја пренаичи и моторџијата доби затворски притвор во Шутка.
Од иницијативата НаТочак прашуваат дали со можната затворска казна правдата ќе биде задоволена?
„Дали оваа грозоморна смрт на угледен жител на населбата пред соседите и децата ќе биде избришана од колективната меморија? И најважно – дали ќе биде спречен секој нареден Фатон да убива луѓе во пешачки зони“, прашуваат од иницијативата.
Дополнителна трагедија, велат од НаТочак, е што сето ова се случува по пет месеци од убиството на Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“.
„По нејзината смрт имаше серија бројни протести и голем дел од институциите и политичарите дадоа заложба дека ќе направат серија мерки и законски промени да не дојде повторно до вакви ситуации. Пет месеци поминаа, а тие што направија за да се спречат овие убиства?“, прашуваат од НаТочак.
Од движењето Кој е следен? велат дека продолжува секојдневниот тероризам на македонските улици и тротоари.
„Убиецот (на Југослав) се разбира, е лице кое и досега имало проблематично однесување, насилник кој очигледно имал право да одзема животи. Едно е сигурно, не му е прв пат на ова лице да вози на тој начин. Колкава казна ќе плати ова лице за убиството? 2-3-4 години со право на слободен викенд?“, прашаа од движењето.
Од Кој е следен? посочуваат дека уште многу други насилници секојдневно дивеат, чесниот и мирен народ „чека“ да дојде 1 јануари 2026 за да профункционира системот за „Безбеден град“.
„Дотогаш? Дотогаш борба секој за себе. Без ред, без правила, без заштита од системот. Од февруари до денес преку 22 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Барем дел од тие би биле спречени доколку системот работи во интерес на граѓаните, а не на убијците, криминалците, силувачите“, рекоа меѓу другото од движењето, повикувајќи ги граѓаните да се организираат, да се здружат, да ја бараат правдата за секое злодело.
Реагираа и од иницијативата Шанса за Центар. Прашаа до кога жртви и до кога молк?
„Наместо побезбедни улици – сè поопасно секој ден. Пешаците страдаат, институциите молчат. Без казна нема правда. Без иницијатива нема решение. Време е Владата и Министерство за внатрешни работи да реагираат. Повторно гласно бараме безбедни премини, строги контроли и одговорност“, нагласија од Шанса за Центар.
Иако се усвоила нивната иницијатива да се воведат зони на смирен сообраќај во сите градски четврти во Центар во Скопје, сепак во ребалансот на буџетот повторно не се предвидени пари за оваа намена.
„Затоа поднесовме амандман за да почне да се изработуваат сообраќајни проекти за овие зони за конечно да тргне спроведувањето. Доста веќе броиме загинати соседи и прашуваме #којеследен , мора да се работи на решенија кои постојат. Безбедноста се подобрува само со акција и работа!“, стои во реакцијата на Шанса за Центар.
Годишно на патиштата и јавните простори се случуваат по две дискотеки „Пулс“
Државниот завод за ревизија (ДЗР) пред некој месец објави загрижувачки податоци, кои се однесуваат на периодот 2020 до 2023 година.
Во овој период во Македонија се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица.
Во последната ревидирана година, 2023-та, загинале 113 лица, што во превод значи скоро две дискотеки „Пулс“. Претходната, 2022 уште повеќе – 121 лице.
Спроведената ревизија на ДЗР утврдува: целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајки не е намален до просекот во државите членки на ЕУ (сметано на милион жители).
„Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30% не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категорија ‘млад возач’. Бројот на сериозно повредени лица во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 % во однос на 2009 кога истиот изнесувал 985 лица. Бројот на деца – жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“, стои во извештајот.
Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се ефикасни за намалување на жртвите. Нова национална стратегија за безбедност во сообраќајот нема, а последната, за периодот од 2015-2020, не била ефективна.
Исто така, потрошени се големи средства, повеќето заеми, за повеќе проекти, кампањи и изработка на стратегии за транспортот и безбедноста, а целите – повторно не се постигнати.
Бојан Шашевски