Активисти ја блокираа хрватско-босанската граница протестирајќи против миграциските политики на ЕУ

Активисти накратко ја блокираа хрватско-босанската граница во саботата во знак на протест против миграциските политики на Европската Унија, јавува „Евроњуз“.

Околу 100 лица од различни организации за човекови права ширум Европа се собраа во близина на границата во Маљевац во Хрватска.

Полицијата беше присутна на местото каде се протестираше, но не беа пријавени никакви инциденти. Демонстрантите беа претежно од Италија, но таму присутни беа и активисти од Германија, Австрија, Шпанија и Словенија, кои заедно побараа крај на депортациите и распуштање на граничната агенција на ЕУ – Фронтекс.

Франческо Цибати, активист од организација за човекови права со седиште во Трст, посочи дека групата сака да нагласи дека на сите треба да им се даде право да бараат азил.

„Европската Унија насилно ги турка луѓето назад, а хрватската полиција тоа го прави во име на Европската Унија, платено од Унијата. Тука сме да протестираме против оваа ситуација, која е неподнослива“, рече тој.

Хрватските полицајци се соочија со повторни обвинувања за насилно и навредливо однесување при враќање на мигрантите кои се обидуваат да влезат од Босна и Херцеговина, тврдење кое властите го негираат.

Мигрантите кои бегаат од војната и сиромаштијата на Средниот Исток, Африка или Азија, доаѓаат на Балканот со тоа што прво пристигнуваат во Турција, а потоа се движат кон Грција или Бугарија, пред да преминат кон Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.