Активисти до Европарламентот предадоа петиција против онлајн насилство врз децата потпишана од 540 илјади луѓе

Активисти и жртви вчера предадоа петиција потпишана од повеќе од половина милион луѓе до Европскиот парламент со која се бара строга регулација за превенција и борба против онлајн насилството врз деца.

Петицијата беше организирана од невладината организација „Justice Initiative“ и е поднесена откако последниот законски текст одобрен од Европарламентот беше ублажен откако се отстрани можноста онлајн платформите самоволно да регистрираат и бришат содржини поврзани со злоупотреба на деца, кое може да биде направено само со судска наредба.

Според белгиската европратеничка Хилде Ваутманс, ова е направено со цел да се заштити личната приватност на онлајн корисниците.

„Судот ќе наредува многу брзо и ние исто така имаме внесено многу мерки за превенирање на содржините од циркулирање, бидејќи тоа е најважната работа, да се заштитат нашите деца од тоа да станат жртви“, рече Ваутманс за Еуроњуз.

„Можеби тоа не е 100% од она што сите сакавме, но е компромис кој ќе го браниме и е голем чекор напред во заштита на детските права“, додава таа.

Еден од секој три интернет корисници е дете и минатата година имало 32 милиони поплаки на глобално ниво за случаи поврзани со онлајн сексуални злоупотреби.

Се очекува наскоро да започнат преговорите меѓу Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ, но најголем дел од државите бараат повеќе време за да го разгледаат и дебатираат ова прашање.

Доколку биде усвоена, оваа легислатива ќе биде една од најсепофатните во областа на онлајн насилство врз децата и може да биде пример и за други региони од светот.