Активист од Белорусија и организации од Русија и Украина добитници на Нобеловата награда за мир

Нобеловата награда за мир за 2022 година им е доделена на белорускиот активист за човекови права Алес Бјалјатски, руската организација за човекови за права „Меморијал“ и украинскиот Центар за граѓански слободи, јавува Радио Слободна Европа.

„Луреатите на наградата за мир го претставуваат граѓанското општество во нивните земји. Тие долги години го промовираат правото за критикување на моќта и заштита на основните права на граѓаните. Тие направија извонредни напори да ги документираат воените злосторства, злоупотребата на човековите права и злоупотребата на моќта. Заедно тие го демонстрираат значењето на граѓанското општество за мирот и демократија“, велат од Норвешкиот Нобелов комитет.

Бјалјатски, кој е основач на организацијата „Вјасна“ во Белорусија, моментално е во затвор поради обвиненија за затајување данок што неговите поддржувачи ги отфрлија како политички мотивирани.

Рускиот Врховен суд минатиот декември ја затвори организацијата „Меморијал“, која важи за една од најпочитуваните организации за човекови права во земјата, велејќи дека организацијата го прекршила контроверзниот закон за „странски агенти“. Оттогаш, тие создадоа нова организација, Центар за одбрана на човековите права, која работи без статус на правно лице.

Во меѓувреме, Центарот за граѓански слободи, основан во 2007 година работеше на зајакнување на граѓанското општество во Украина, а истовремено се залагаше за унапредување на владеењето на правото и почитувањето на меѓународното право.