Ајфеловата кула проработи по најдолгото затворање од Втората светска војна

Ајфеловата кула повторно е отворена за посетители по најдолгиот период во кој беше затворена од Втората светска војна.

Култниот објект на Париз беше затворен за јавноста последниве девет месеци поради рестрикциите за време на пандемијата со Ковид-19, но од денеска повторно ги отвора своите врати.

Сепак, работите нема да се вратат целосно во нормала, бидејќи Кулата ќе прифаќа најмногу 13.000 луѓе дневно, што е околу половина од вообичаениот капацитет, со цел да се задржи социјалното дистанцирање.

„Секако тоа е дополнителна оперативна компликација, но ќе се справиме со тоа“, изјавил Жан Франсоа Мартинс, шефот на компанијата која ги организира посетите, во интервју за АФП.

Половина од посетителите се очекуваат да бидат Французи, додека во поголем процент од вообичаеното се очекуваат италијански и шпански туристи.

Според Мартинс ќе има скоро целосен недостаток на британски туристи кои резервираат билети, додека 15% се Американци. Меѓу резервациите досега има и неколку туристи од Азија.