Агенцијата за млади и спорт и УКИМ си ја префрлаат одговорноста за руинираната спортска сала

По објавувањето на текстот и фотографиите од демолираната спортска сала вредна 2.5 милиони евра во кампусот на општествени науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ), Радио МОФ доби одговори од Агенцијата за млади и спорт (АМС) и од ректоратот на Универзитетот. 

Од главната надлежна институција за изградба на студентската спортска сала, Агенцијата за млади и спорт, велат дека иако целосно готова во предвидениот рок, клучот од салата не можело да се предаде на УКИМ, како што било предвидено, поради неисполнување на обврските од Универзитетот.

„Спортската сала беше завршена во предвидениот рок. Истата беше во целост опремена со предвидената спортска опрема. Поради проблемите при обезбедување на соодветни приклучоци од страна на Универзитетот, истата не беше примена во владение и ставена во употреба. Во подоцнежниот период се јавија и проблеми кај изведувачот поради кој спортската сала не беше примопредадена“, велат оттаму.

Според АМС, обврската на УКИМ да постави приклучоци за вода и струја не била навремено исполнета, по што објектот извесно време бил оставен без управител, па оттука настанала штетата.

„Имајќи во предвид дека извесен период стои без некој да управува настанати се и штети. Од страна на Универзитетот преземена е обврска да се изработи проект за санација на настанатата штета, а Агенцијата за млади и спорт ќе обезбеди средства за спортската сала да се стави во функција на студентите и младите“, уверуваат од АМС.

Од Агенцијата велат дека отсега не може да се знае кога ќе започнат поправките, но се надеваат дека салата ќе биде готова најдоцна до следната година.

„По добивање на проект за санација на спортската сала од страна на Универзитетот Кирил и Методиј, Агенцијата за млади и спорт ќе пристапи кон административните процедури за реализација на санацијата на објектот. За точниот термин кога ќе се пристапи кон санација на објектот не би можело да одредиме, од причина што зависи од повеќе фактори ( проект за санација, обезбедување на финансиски средства, тендерска постапка за избор на изведувач на градежните активности и сл.), но се надеваме дека студените ќе ја имаат салата санирана и спремна за употреба наредна година“, се наведува во одговорот.

Фото: Салата внатре / Радио МОФ

Од друга страна, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски тврди дека во случајов УКИМ ги има исполнето сите услови.

„Од страна на Универзитетот се исполнети сите договорни обврски за изведба на водоводни и електрични приклучоци“, забележува Јанкуловски.

Ректорот на најголемиот државен универзитет потврдува дека согласно Договорот со Универзитетот од 2007 година, Агенцијата за млади и спорт имала обврска да ја финансира изградбата на спортската сала со средства обезбедени од Буџетот на РСМ, до фаза клуч на рака, и како што наведува, извршен технички прием за функционалност на објектот.

„Агенцијата за млади и спорт, како и поранешната фирма изведувач ‘Алкон проект’ беа секогаш навремено известувани за постојаниот проблем со безбедноста на објектот. Воедно, очигледно е дека и недоследностите во изведбата на објектот се дополнителна причина за нејзиното руинирање. Надворешно, на јужниот дел од објектот, може да се забележи дека голем дел од фасадната обработка, заедно со изолацијата е паднат, заради лошо изведен атмосферски одвод пропаѓа партерот, постојат нецелосни дилатациони решенија и неизведени окапници итн.“, објаснува тој.

Фото: Фасадата на спортската сала / Радио МОФ

Според одговорот на Јанкуловски, УКИМ е согласен да соработува со Агенцијата со цел да се направи санација на оштетените делови и елементи во салата, но тоа би било, како што се нагласува, доколку се реши расправата што ја има АМС со фирмата надлежна за градење, „Алкон проект“.

„На располагање имаме стручни лица кои можат да помогнат во проценката на штетата по фази и подготовка на проектната документација за санација доколку се реши владението и судските спорови кои Агенцијата за млади и спорт ги има со изведувачот. Универзитетот се надева дека салата ќе биде пуштена во употреба во иднина, доколку има волја и план за решавање на актуелните проблеми од страна на засегнатите институции“, стои во одговорот.

Ректорот нè информираше дека во моментов наставата по предметот Спорт и здравје што е задолжителен на 21 од катедрите на четирите факултети на кампусот се остварува во соработка со Факултетот за физичка култура, спорт и здравје како задолжителна или факултативна настава во текот на студиската година.

„Факултетот користи исти простории за реализација на наставата со државното средно училиште за физичка култура и Спортската академија. Објектот во кој е сместен факултетот е од времен карактер, односно барака“, извести ректорот. 

Радио МОФ претходната недела ја посети напуштената сала на кампусот каде нема врата и може да влезе било кој. Внатре се расфрлани демолираните кошеви и столчиња од трибините, а освен тоа има и срча, градежен шут и друг отпад.

Салата на УКИМ од 2.5 милиони евра демолирана и претворена во јавно веце додека институциите се расправаат на суд

Ангела Бошкоска