Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го објавува јубилејниот, десетти конкурс за доделување на годишните награди за најзначајни достигнувања во издаваштвото во Република Северна Македонија.
Наградите ќе бидат доделени во рамки на овогодишниот Саем на книгата, кој ќе се одржи од 23 до 29 април, а ќе ги опфатат изданијата, авторите и проектите реализирани во периодот од мај 2025 до април 2026 година.
Право на учество имаат сите издавачи од земјата, кои можат да аплицираат во следниве категории: (1) најдобра едиција; (2) најдобар дизајн на корица; (3) најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) најдобра книга за деца; (5); најкреативно издание; (6) поттикнување на општествена одговорност, (7) промотор на читачката култура и (8) автор на годината.
За изборот на добитниците ќе одлучува независна тричлена жири-комисија составена од тројца истакнати професионалци: Александар Маџаровски, Александра Јуруковска и Лазе Трипков.
Ги повикуваме издавачите да ги пријават своите најквалитетни и најуспешни изданија и проекти од изминатата година и да бидат дел од ова јубилејно издание на наградите на МАИ, кои претставуваат значајно признание за сите чинители на издавачката дејност кај нас, изјави претседателот на МАИ, Бојан Саздов.
Заинтересираните апликанти можат да го побараат формуларот за апликација на: sekretar@mai.org.mk .Крајниот рок за поднесување на пријавите е 31 март 2026 година. Доделувањето на наградите ќе се одржи за време на Саемот на книгата, известија од Македонската асоцијација на издавачи.



