Повик за еднонеделна обука за самозаштита за ЛГБТ+ заедницата

Здружението „ЛГБТИ Јунајтед“ отвори јавен повик за учество на еднонеделна обука за самозаштита фокусирана кон ЛГБТ+ заедницата.

„Часовите се базираат на специјално дизајниран систем за самозаштита, а ќе ги води стручен предавач со долгогодишно искуство во психологијата и борбените вештини. Првенствено се наменети за превенција и самозаштита на лица кои претрпеле траума од вербален или физички напад, жртви на насилство, активен или пасивен булинг и слично“, велат од „ЛГБТИ Јунајтед“.

Рокот за пријавување на обуката за самозаштита е до 9 октомври, а обуката ќе се реализира како еднонеделен интензивен курс, во периодот од 24 до 30 октомври во Скопје.

Организаторите истакнуваат дека сите трошоци за пат, храна, сместување и партиципацијата ќе бидат покриени од нивна страна, а за пријава, заинтересираните треба да пратат мејл на info@lgbtiunited.mk со  лични податоци –  име и презиме, телефон за контакт и накратко да наведат зошто е потребна оваа обука.

Од „ЛГБТИ Јунајтед“ дополнуваат дека местата се ограничени и предност ќе имаат ЛГБТИ активисти и ЛГБТИ луѓе кои живеат во хомофобични средини.

„Во Северна Македонија, говорот на омраза и делата од омраза кон ЛГБТИ заедницата во изминатиот период се во пораст.Надлежните органи не само што не преземаат превентивни активности за спречување на овие појави, туку и потфрлаат во нивното препознавање и процесирање низ кривично-правниот систем. Ниските бројки во официјалните статистики не ја одразуваат реалната слика и се должат на тоа што многу луѓе од ЛГБТИ заедницата не сакаат да ги пријават злочините против нив“, истакнуваат организаторите.