Населението во Европска Унија живее во просек, шест години подолго од населението во Македонија, потврдува новиот извештај на Евростат во кој е измерена просечната должина на животниот век во рамките на ЕУ државите.
Во 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ изнесуваше 81,5 години, што претставува зголемување од 0,1 година во однос на 2023 година, стои во извештајот. Очекуваниот животен век се намали во 2020 година (80,4 години) и 2021 година (80,1 години) поради КОВИД-19, но потоа се опорави и достигна вредности повисоки од оние во 2019 година (81,3 години).
Најдолг просечен живот има населението во Мадрид, најкус просечен живот е во Бугарија
На регионално ниво, четири региони достигнале животен век од 85 години или повеќе: шпанскиот регион односно Општина Мадрид со 85,7 години, како и италијанските региони од Автономната провинација како и главниот регион на Стокхолм, сите со по 85,0 години.
Од друга страна, меѓу петте региони во ЕУ со најнизок животен век при раѓање, три се во Бугарија: Северозападен (73,9 години), Централен (74,9 години) и Североисточен (75,4 години). Останатите два се „Мајоте“ во Франција (74,5 години) и Северниот регион во Унгарија (75,1 година).
Жените во просек ги „надживуваат мажите за 5,2 години
Во 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање за жените во ЕУ достигна 84,1 година (зголемување од 0,1 година во однос на 2023), додека за мажите изнесуваше 78,9 години (+0,2 години). Ова значи дека се очекува жените да живеат 5,2 години подолго од мажите, се вели во соопштението.
Овој јаз значително варира меѓу земјите од ЕУ. Во Латвија, жените се очекува да живеат 9,8 години подолго од мажите, следени од Литванија (8,6 години) и Естонија (8,4 години). Најмал јаз има во Бенелукс (2,8 години), Шведска (3,1 години) и Ирска (3,4 години).
Населението во Македонија во просек живее 5-6 години помалку во споредба со ЕУ
Според најновите достапни податоци за 2024 година, објавени на Хелги Лајбрари, очекуваниот животен век во Македонија е околу 76,0 – 76,6 години. Се забележува јасен раст на животниот век во Македонија. Во 2023 бил околу 75,3 години, според податоците објавени на Макротрендс.
Жените во Македонија во просек живеат 4-5 години повеќе од мажите, што е тренд сличен на Европскиот. Мажите во Македонија, во просек живеат 73,8 години, додека животниот просек на жените достигнува до 78 односно 79 години, мерено индиректно според податоците за целокупното население.

Албанија со најдолг животен век од земјите во регионот
Во Албанија, животниот век на луѓето е измеѓу 79.5 – 80.1 години. Жените просечно живеат подолго измеѓу 81-82 година, додека просечниот животен век на мажите е 78 години, покажуваат податоците од Георанк.
Просечниот животен век на населението во Србија е измеѓу 76 и 77 години. Во просек во Србија жените ги надживуваат мажите за шест години и нивниот животен век изнесува 80 години, додека на машката популација измерен просечен животен век за 2024 година е 74 години.
Фактори на долгорочност според СЗО
Според Светската здравствена организација (WHO), долгорочноста и здравото стареење зависат најмногу од условите во кои луѓето живеат, нивните животни навики и пристапот до здравствена и социјална поддршка.
WHO го дефинира здравото стареење како процес на развивање и одржување на функционалната способност што овозможува благосостојба во подоцнежните години. Функционалната способност зависи од личните физички и ментални капацитети (интринзичен капацитет) и од околината – домот, заедницата, социјалните и здравствените политики и пристапот до услуги.
Клучни фактори за подолг и поздрав живот се:
-
Здрава исхрана и редовна физичка активност,
-
Непушење тутун,
-
Поддржувачка и безбедна средина,
-
Пристап до квалитетна примарна здравствена заштита,
-
Намалување на нееднаквостите и борба против стареењето (ageism) .
WHO нагласува дека повеќето разлики во здравјето во староста не се само генетски, туку се резултат на кумулативното влијание на социјалната и физичката средина во текот на целиот живот.
Магдалена Стојмановиќ




