Работници од повеќе синдикати денеска излегоа на протест во Скопје во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), со барање за повисоки плати и подобрување на економската состојба на вработените. Протестот следува по неколкуте претходни синдикални протести и блокади со кои работниците во изминатиот период се обидоа да извршат притисок за зголемување на платите.
Собирот започна пред Работничкиот дом, од каде што демонстрантите се упатија кон Собранието, потоа кон Стопанската комора, а протестниот марш заврши пред Владата. Синдикатите повторно ги истакнаа своите барања – минималната плата да достигне 600 евра, како и линеарно зголемување на сите плати во државата за 6.000 денари.
Според синдикалните податоци, кои се повикуваат на информации од Управата за јавни приходи, околу 160.000 работници во земјата примаат плата која е под прагот на сиромаштија. Токму поради тоа, од ССМ сметаат дека сегашните политики не се доволни за да го подобрат животниот стандард на работниците.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека голем дел од работниците не успеале да присуствуваат на протестот поради притисоци од нивните работодавци.
„Денес огромен број работници беа спречени да дојдат затоа што им се закануваат со губење на работните места и со намалување на платите. Но без оглед на тоа, не ви се плашиме. Дојдовме за зголемување на платите и ќе дојдеме повторно“, порача Трендафилов.
Тој додаде дека минималната плата мора да се зголеми уште во текот на март, нагласувајќи дека работниците создаваат многу поголема вредност од она што го добиваат како плата.

Од синдикатот ја критикуваат и најавената законска корекција на минималната плата од 1.667 денари, оценувајќи дека таквото зголемување не може да го следи растот на трошоците за живот. Како аргумент посочуваат дека синдикалната минимална потрошувачка кошница само во последните два месеца се зголемила за околу 2.000 денари. Дополнително, синдикатот укажува дека постојаниот раст на цените на основните производи, храната и енергенсите значително го намалува куповниот капацитет на граѓаните и ја прави економската состојба на многу семејства сè потешка.
Во моментов минималната плата изнесува околу 397 евра, а со предвиденото усогласување би достигнала околу 26.000 денари.
По завршувањето на протестот, од ССМ повторија дека остануваат на претходно најавената мерка – организирање на 24-часовен генерален штрајк доколку не се постигне договор за зголемување на платите. Според најавите, овојпат во штрајкот би бил вклучен и приватниот сектор.



