Во Кинотека на Македонија ќе биде промовирана публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“

На 27 февруари 2026 година, со почеток во 19 часот, во просториите на Кинотека на Македонија во Скопје ќе се одржи промоцијата на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“.

Од Кинотеката информираат дека станува збор за ексклузивен настан со кој се одбележуваат седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во земјава. „Публикацијата претставува значаен културен момент и сведоштво за континуитетот на македонската филмска и визуелна уметност“, посочуваат од институцијата.

Како што наведуваат организаторите, монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати создадени во периодот од 1952 до 2022 година. „Изданието претставува визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика, прикажувајќи ја еволуцијата на авторскиот израз низ различни генерации“, додаваат од Кинотеката.

Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонски филмски плакати, со што посетителите ќе имаат можност одблиску да се запознаат со дел од најзначајните остварувања во оваа област.