Дебата за системски решенија за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства

Денеска, во Сала „Борис Трајковски“ во Собранието на Република Северна Македонија се одржува настан посветен на правата и предизвиците на лицата со попреченост и нивните семејства.

Настанот е во организација на Интерпартиска парламентарна група за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација на попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.

Целта е да се отвори широка институционална и јавна дебата за состојбите со кои се соочуваат лицата со попреченост и нивните најблиски.

Во рамки на настанот ќе бидат презентирани наодите од сеопфатна анализа која ги опфаќа клучните предизвици во секојдневното функционирање на семејствата на лицата со попреченост. Анализата се фокусира на пристапот до здравствени услуги, квалитетот на медицинскиот третман, достапноста на рехабилитација и терапија, како и на административните и финансиските бариери со кои се соочуваат семејствата.

Организаторите најавуваат дека, покрај детектирањето на проблемите, ќе бидат понудени и конкретни препораки и можни решенија, особено во делот на унапредување на медицинскиот третман и координацијата меѓу институциите. Се очекува присуство на пратеници, претставници на надлежни институции, граѓански организации и експерти од областа на здравството и социјалната заштита.

Со овој настан, организаторите имаат за цел да поттикнат системски промени и да придонесат кон создавање поинклузивни политики што ќе обезбедат достоинствен и квалитетен живот за лицата со попреченост и нивните семејства.

Фото: Freepik