„NFT – Механизам за продажба на уметност или медиум?“ – панел дискусија во сабота

Со почеток во 18 часот, утре (21 мај) во „Јавна соба“ ќе се одржи панел дискусија на тема „NFT – Механизам за продажба на уметност или медиум?“.

Во најавата за настанот се посочува дека NFT или таканаречените незаменливи токени се појавија во 2014 година, а со нив се означува сопственоста на едно дигитално дело, односно, уметност, музика, предмети во видео игра, видеа и слично. Преку нив, овие дела може да се купуваат и продаваат често со криптовалути, користејќи ја „блокчејн“ технологијата.

„Но, што навистина претставува NFT? Дали се работи за механизам за продажба на уметност или медиум? Сè што сакаме да знаеме од позиција на уметник/дизајнер за NFT ќе разговараме со Иван Ивановски, претприемач, сопственик на ‘Bike Computer’ и креативец и Андреј Димов, софтвер девелопер, на отворената панел дискусија: ‘NFT – механизам за продажба или медиум?’ којашто ќе се одржи во склоп на Саемот за размена на креативни искуства и размисли ‘Добро утро кретивци 2.0’“, се посочува во најавата.

Настанот ќе го модерира Дејан Џолев, а организаторите посочија дека регистрацијата за настанот е задолжителна. Местата за панел дискусијата се ограничени.