Чикунгуња вирусот, кој се пренесува преку комарци, сега може да се појави во поголем дел од Европа, покажува ново истражување.
Истражувањето, објавено во „Journal of the Royal Society Interface“, ја утврдило минималната температура за ширење на вирусот преку тигрест комарец (Aedes albopictus), а новите резултати покажуваат дека инфекциите можат да се случуваат при 13-14°C.
„Ова е доста шокантно откритие. Ширењето кон север е само прашање на време“, изјави Сандип Тегар од „UK Centre for Ecology and Hydrology“, главен автор на студијата.
Во последните години, мал број случаи се пријавени во повеќе од 10 европски земји, а во 2025 година Франција и Италија пријавиле стотици заболени. Вирусот се шири преку заразени патници од тропските територии, а тигар-комарците потоа ја пренесуваат болеста.
Д-р Дијана Рохас Алварез од Светската здравствена организација нагласува дека ефективната заштита вклучува избегнување каснувања од комарци, носење долга и светла облека и користење репеленти, објави Гардијан.
Студијата покажала дека чикунгуња може да се шири повеќе од шест месеци во годината во јужна Европа и три до пет месеци во Белгија, Франција, Германија, Швајцарија и други земји. Раните проценки претпоставувале пократок период, што значи дека ризикот од епидемии е поголем и во повеќе области од порано.
Научниците нагласуваат дека Европа сè уште има можност да ги контролира тигрестите комарци и да го спречи понатамошното ширење на болеста.
Преземено од: Мета
Фото: Pexels.com



