Филмот како уметност за младата популација: Три филмски препораки од филмологот Алек Василевски

Во време кога младите сè повеќе се свртуваат кон дигиталните платформи, а кино-салата станува избор наместо навика, разговорот со Алек Василевски, филмолог од „Кинотека на Македонија“, отвора прашања за вкусот, емоцијата и значењето на филмската уметност денес. Низ неговите размислувања се испреплетуваат носталгијата, современите трендови и вербата дека филмот останува трајна културна вредност.

„Дневник“ во режија на Ник Касаветис, „Синема парадизо“ од Торнаторе и „Амаркорд“ на Фелини кој кај секој од нас пробудува сентимент од детството и младоста, за разлика од претходните два кои се фокусирани на првата љубов“, вели Василевски.

Неговата перцепција за интересот на младите не се задржува само на поединечни наслови, туку се проширува и кон институционалната понуда што им стои на располагање.

Во Кинотека има шаренолика лепеза од различни варијации и секако има филмови за млади од повеќе жанрови.
За жал нема поевтини студентски билети како претходно, но има стимулатвни импулси; може да го споменеме фестивалот Џифони, но тематски има и циклуси кои понекогаш главниот фокус е сконцентриран кон помладата популација, додава тој.

Кога станува збор за жанровските афинитети, Василевски забележува разновидност и индивидуалност во изборот на младата публика.

Во разговор со младите некои глорифицираат комедии, а некои се ориентирани кон љубовните тематики или мелодрамите, делумно може да се каже но не во целост, вели Василевски.

Од друга страна, влијанието на глобалната филмска индустрија е очигледно, особено кога станува збор за спектаклот и продукциската моќ.

Голем број од младината ги издвојуваат холивудските мега спектакли и блокбастери, но не да речеме трилери или психолошки мелодрами, додава тој.

На крајот, неговиот став за значењето на филмот ја надминува поделбата меѓу домашно гледање и кино искуство, ставајќи акцент на суштината на уметноста.

Важно е филмови да се гледаат затоа што пред се некои преферираат домашен амбиент, но поголем број се љубители на филмското платно кое нуди далеку поголем комфорт. Исто така филмот е храна за мозочните ќелии како и книгата но и имагинарен трезор.
И од мој ракурс видено или филмски кажано филмот е седма уметност која впрочем стоички опстојува и храбро егзистира како „Седумте самуари“ на Куросава, вели Василевски.

Разговорот со Алек Василевски сведочи дека, без оглед на трендовите и технолошките промени, филмот останува простор на емоција, мисла и колективна меморија – уметност што продолжува да живее и да инспирира нови генерации.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ