Германскиот дебитантски филм на режисерката Милена Абојан, „Елаха“ својата македонска премиера ја имаше вчера (10 октомври во киното „Милениум“ и Кинотеката во Скопје од 18 часот. Во следниот период филмот продолжува да се прикажува во другите градови низ земјава.
„’Елаха’ е моќна и емотивна приказна која обработува длабоки и актуелни теми и поставува важни прашања за идентитетот и правото на жени да управуваат со своите тела и живот“, се вели во описот.
Ова е прв долгометражен филм на режисерката, кој веќе доби значајно признание на меѓународните фестивали, вклучувајќи Берлинале 2023, каде што се прикажуваше во секцијата Perspektive deutsches Kino. Покрај тоа што ја претставува Милена Абојан како нов глас во светот на филмот, „Елаха“ добива внимание од
меѓународната критика поради својата извонредна уметничка вредност и впечатливиот наратив.
„Во фокусот на филмот е 22-годишната Елаха, која се соочува со притисокот на традицијата и општествените очекувања во врска со нејзината девственост пред свадбата. Во обид да најде решение, се обраќа на пластичен хирург, но високите трошоци ја спречуваат да направи операција. Додека бара поевтина алтернатива, открива капсула со вештачка крв, која ѝ изгледа како решение. Но, она што на почетокот изгледа како спас, на крајот ја води во опасен пат на самопонижување и експлоатација“, стои во синопсисот за филмот.
Дистрибутер на филмот е Катавеј од Скопје, а дистрибуцијата е поддржана од German Films.