Кога уметноста се преклопува: Од мурал до хаос на фасадата на Градежен

Како студент на одделот за геодезија и математика при „Градежен факултет“, Младен Трендевски, познат како „Трендо“ добива шанса да ја покаже својата љубов кон цртањето графити на фасадата на „Градежниот факултет“. Старата сива фасада, доби низа мурали на надворешниот дел кон кој гледаат минувачите на булеварот „Партизански одреди“. Муралите се „прозорец“ кон внатрешноста на Градежниот факултет, пренесување на духот на наставата и важноста на самото знаење кое се стекнува во внатрешниот дел на масивната, сива зграда. Но, со тек на време, конципираното шаренило на фасадата на „Градежен факултет“ се промени, а над јасните слики и форми, „никнаа“ нови графити, кои го покриваат муралот и создаваат хаотична глетка која за просечниот минувач е „грда и недефинирана“. Дури ниту самите графити и мурали, не се заштитени од прекривање и разобиликување на нивниот примарен изглед.

Графит или мурал кој исто така денеска е многу застапен по улиците по кои се движиме според мене е едно освежување на просторот во кој живееме, работиме и твориме. Без разлика во кој временски интервал е реализирано доаѓа како освежување на набљудувачкото око. Графит преставува композиција од букви, стилкси обработени со убава порака или име на артистот, се она што излага од границите на ова, актуелните политички пораки за мене се вандализам по ѕидните површини и мозочните пори на еден човек. Според мене вандализмот во денешно време е сведен на многу ниско ниво, урбана уметност добива на големо значење, прифатеноста и во просториите на големите фирми, институции, само го потврдува тоа, вели Трендо за Радио МОФ.

Младен Трендевски, Трендо

Според него, перцепцијата на гледање на една површина е релативна, а секој екстериер носи некоја порака сама по себе. Дали е тоа системска репресија, конформизам, фасади кои го бирократизираат изгледот на градот, сето тоа е во „окото на набљудувачот“ вели Трендо.

 Сѐ она што ќе влезе во набљудувачкото око на еден артист што создава немир без да е композициски испишано со спреј само го потврдува она сквернавење на ѕидната површина.

Како уметниците го дефинираат графитот

Графити се форма на изразување на јавна површина базирана на типографија (букви). Постојат три форми: таг, троу-ап (throw-up) и парче (piece). Таг е стилизиран потпис (псевдоним) на авторот. Троу-ап се брзо нацртани букви, во две-три бои. Парче е комплексно дело со сенки, 3д-ефекти и позадина, вели Берт Стајн (уметничко име) за Радио МОФ.

Сепак од перспектива на уметниците, она што не е графит, не е чин на вандализам и сквернавење на јавните површини, туку сето она што е нацртано како компромисно прифаќање на условите на системот. Графитот има тенденција да се спротиставува на рамките на системот и истите да ги „растрга“ како во прокрустовата постела.

Она што НЕ е графит се муралите кои се легални, вандализмот (чкртаници) и уличната уметност, т.е. стенсили/стикери и сè што е подготвено дома (како Банкси, Шепард Фери и др.). Но, сепак границите се флуидни. Технички гледано, сè што е напишано врз ѕид е графит. Самото потекло на зборот е „пишувам, чкртам, гребам“ и првите графити во античко време биле токму такви – пораки напишани со гребење (политички или лични пораки). Сепак, со текот на времето дефиницијата се сменила (од 1970-ти години и бумот на графитите во Њујорк) и се направила разлика помеѓу вандализам и графити. Денес политичките пораки не се сметаат за графити, туку за вандализам или парола. Со еден збор: графитот НЕ е чкртаница, туку Е свесен чин на дизајнирање на сопственото име/таг, вели тој.

Мурал кај Градежен факултет, прекриен со испишани имиња со спреј

Како пошироката заедница гледа на графитот: Уметност или вандализам?

Сквернавење на споменици или јавни површини, урбана суб култура, или „поправање“ на изгледот на стари и оштетени површини? Графитите и муралите често се среќаваат низ Скопје и додека за дел од граѓаните претставуваат несовесно оштетување на изгледот на јавните површини, другиот дел, особено млади луѓе на графитите гледаат како на посебен тип уметност и култра.

Куси пораки испишани на ѕидови, излози или плочници, кои во себе содржат голема симболика, често настануваат спонтано, се нацртани во кус временски период, само со спреј, така обично во литературата се опишуваат графитите. Нивниот автор, често останува непознат за пошироката јавност, бидејќи цртањето на графити на јавни површини се уште се третира како прекршок по јавниот ред и мир, а во специфични случаи и како кривично дело.

Мурали кај паркинг зоната на ГТЦ

За разлика од графитите, муралите се нов начин да им се даде на цртачите на графити можност да ја пренасочат својата креативност во разубавување на изгледот на градот. Со дозвола на општината или надлежните институции се одделува простор на кој им се овозможува на цртачите на графити да ја покажат својата уметничка експресија, визија или да испратат некоја порака. Муралите, се цртаат внимателно, подолго, се однапред концпирани и планирани, не се казниви, па нивниот автор е познат за поширокиот аудиториум. Сепак муралите претставуваат дел од мејнстрим културата, бидејќи преку нивна институционализација се работи на разубавување на површини кои се во лоша состојба, фасади кои се стари и оштетени, а техниката на цртање, како и боите се поразновидни кога се црта мурал.

Графити кај Буњаковец

Правна рамка 

Цртањето графити на јавни површини без дозвола во Македонија може да се санкционира согласно Кривичниот законик и Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, зависно од тежината на делото и причинетата штета.

Според Кривичниот законик, член 243 може да се квалификува делото како „Оштетување туѓи предмети“ – тој што ќе оштети, уништи или направи неупотреблив туѓ предмет може да се казни со парична казна или затвор до три години, а доколку штетата е поголема или станува збор за добра под посебна заштита, казната е повисока.

Доколку графитот содржи пораки што поттикнуваат омраза или нетрпеливост, може да се примени и член 319 „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост по национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, кој предвидува затворска казна.

Во случаи кога се работи за помала штета или нарушување на јавниот ред, делото може да се третира како прекршок согласно Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, при што се изрекуваат парични казни. Конкретната квалификација зависи од проценката на надлежните органи и од обемот на предизвиканата штета.

Цензура или легална контрола?

**Авторски коментар

Дали чкртаниците нанесени на слој со мурал се вандализам? Дали графит нанесен на ѕид кој се третира како културно наследство е казниво дело? Политичка порака испишана со спеј на споменик на борец кој одиграл важна државотворна улога? Графит испишан на табла која треба да сигнализира колку да се движите во сообраќај и насоки што се граѓанските обрврски и права кои важат на јурисдикцијата на една територија и на крај кој ја прави дефиницијата за тоа дали графитот ќе се смета за прекршочно или кривично дело? Дали се тоа повторно инстанци на моќ кои се оперирани од гледање со „уметничко око“, кое во овој случај повторно се поставува како состојба на ексклузивитет, или само го штитат интересот на „граѓанинот“.

Но што е прототип на граѓанин, како изгледа тој „просечен“ граѓанин? Дали нему му врие крвта кога ќе прочита кратка политичка порака на јавна површина, или ја третира како обична чкртаница која боде во око? Која е статистичката медијана на луѓето кои сакаат и не сакаат графити и на крај дали воопшто смислата на графит културата е да биде мејнстрим и мнозинска? Ваквите прашања се почесто се поставуваат во уметничките кругови, особено ако се во спрега со политичките струења и превирања.

Затоа графити културата не се гледа само како уметнички и авторски израз, туку како движење, некои би рекле анархистичко, но системот на ред и идеја која гради над руините на еден „расипан“ систем не може да се дефинира како анархизам. Отука и тешко е да се рече со сигурност што е уметност, а што вандализам.

Законодавецот дури и во демократското општество не е целосно репрезентиран преку волјата на народот, затоа законот често обвиен во форма на темелник на редот, мирот и штит на човековите права, за определена група на луѓе сепак ќе биде и систем за репресија. Особено, ако токму таа мала група на луѓе, не го уништува поредокот на универзалниот етички закон, со тоа што ќе нацрта буква на ѕид чиј изглед е веќе доволно вознемирувачки сам по себе.

Магдалена Стојмановиќ  за ©Радио МОФ