На снимките што деновиве се проширија на интернет, хуманоиден робот се насмевнува, кимнува со главата и го гледа соговорникот директно во очи. Не изгледа како обична технолошка демонстрација, туку како средба со нешто што се обидува да ве разбере. Токму тој впечаток кај дел од публиката предизвика чувство на нелагодност при првата средба со роботот Моја.
Претставена во Шангај, Моја е проект на кинеската компанија DroidUp, која ја опишува како прв целосно биомиметички, отелотворен интелигентен робот во светот. Целта не е само роботот да изгледа како човек, туку и да се однесува и реагира на природен, препознатлив начин.
Моја е заснована на концептот на отелотворена вештачка интелигенција – систем кој не постои само на екран или во „облак“, туку перципира, размислува и дејствува во физички простор. За разлика од класичните AI модели, тука интелигенцијата се тестира преку движење, контакт со очи и реакции на присуството на други.
На видеата објавени од South China Morning Post, роботот оди со речиси човечки чекор, реагира на луѓето околу себе и прикажува микроекспресии на лицето. Според DroidUp, Моја може да имитира ситни движења на мускулите што кај луѓето пренесуваат емоции, што ја прави една од најреалистичните роботи досега прикажани.
Со висина од 1,65 метри и тежина од околу 32 килограми, Моја има пропорции слични на возрасен човек. Таа одржува телесна температура меѓу 32 и 36 степени Целзиусови, а прецизноста на нејзиниот од е проценета на 92 проценти.
Реакциите на јавноста се поделени – од воодушевување до вознемиреност. Тоа покажува колку хуманоидната роботика се приближува до границата каде сè потешко се разликува машината од нешто што наликува на човечко однесување. Моја сè уште не е наменета за широка употреба, но јасно го најавува правецот во кој се движи иднината на роботиката.



