Ватсап тестира стикери генерирани со вештачка интелигенција

Апликацијата Ватсап минатата недела започна со тестирање на нова алатка за генерирање стикери со помош на вештачка интелигенција (ВИ).

Дел од тестерите во бета-програмата на Андроид апликацијата ја забележале оваа нова можност, со која корисниците можат да направат стикер преку внесување на текстуален опис.

Според достапните информации, алатката ќе функционира на сличен начин како моделите „DALL-E“ или „Midjorney“ кои создаваат уникатни слики според зададен текст.

Кога корисниците ќе кликнат на опцијата за стикери, сега има ново копче „создади“. Со кликање на ова копче се отвора тастатура на која ќе може да се внесе текст за тоа каков стикер треба да биде изработен од ВИ. Овие стикери потоа ќе може да се користат за допишување со други корисници.

Оваа функција засега е достапна само за ограничена група на бета-тестери, додека во следниот период би требало да биде достапна на поголем број корисници.