„Андерфест 7“ – алтернативниот рок фестивал се враќа на 7 ноември

Алтернативниот рок фестивал „Андерфест“ ја најави програмата за своето седмо издание. Настанот ќе се одржи на 7 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а според организаторот и ова издание ветува вечер исполнета со моќна енергија, автентична музика и врвни настапи.

„’Андерфест’ со годините изгради статус на фестивал што ги спојува најдобрите имиња од домашната алтернативна сцена, создавајќи уникатно музичко искуство за сите љубители на рокот и неговите поджанрови“, соопштуваат од „Андерфест“.

Оваа година, публиката ќе има можност да ги чуе и види „Лост ин ревери, „Aудиоцигла“, „Димиш“, „Занаду“, „Деменси, „Големата вода“ и „Новиот почеток“

„Ова се бендови кои носат свеж звук, различни емоции и препознатлив сценски настап“, велат организаторите.

Од таму најавуваат уште повисоко ниво на продукција, динамична атмосфера и простор каде, како што велат ќе се слави вистинскиот дух на независната музичка сцена.

„За многумина, ‘Андерфест’ е повеќе од фестивал – тоа е традиција, движење и заедница што ја поттикнува домашната рок култура“, соопштува организаторот.

Билетите се пуштени во продажба преку drugastrana.mk.