Излезе новиот албум на битолчаните „Вел“

Битолскиот состав „Вел“ (Vel) под етикетата на „QRecords“ го објави својот втор албум наречен „Коски Коски“, четири години по нивното деби „Црнило“ (2021).

Илија Талев, кој го рецензираше „Коски Коски“, посочува дека албумот е потврда на автентичноста.

„Растеретени од притисокот на ‘прв албум’, си играат со музичките форми што веќе ги создале претходно, лесно пловејќи по нови неоткриени музички пространства, во веќе познат шаблон и структура. Музичката форма е разновидна, динамична, често на границата помеѓу експериметот и класичните рок-структури, на моменти свесно движејќи се на маргините на комерцијалноста за разлика од претходно. Сето тоа музички наизглед изгледа приемчливо, но текстуално и понатаму се темни и мрачни како порано, иако текстовите носат филозофска тежина, јазична чистота и поетска сензибилност. Но таа темнина не е депресивна, туку повеќе катарзична, спакувана во префинет звук, сензибилен текст и чиста емоција. Соголено до ‘коска’, што би се рекло“, пишува Талев.

Групата „Вел“ и понатаму ја сочинуваат: Томе Спасовски (глас, бас гитара), Златко Никодиновски З’лте (гитара, глас), Сашо Ристевски (тапани), Денис Алитовски (клавијатури, глас), со мала напомена дека во групата се враќа старо-новиот член Горан Јаневски (гитара, глас), од нивната претходна заедничка група „The Government“. Токму тој е главниот виновник за текстот и вокалите во песната „Никој“, додека во песните „Мерзост“ и „Суд“ како втор вокал и втора гитара се појавува сега веќе нивниот поранешен член Александар Гулевски.

Какво вокал и гитарист во песната „Г.И.С.“. се појавува и Горан Трајковски Готра („Анастасија“). За оваа тема е направен и видео спот.

Албумот може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп-от на бендот.

Фото: QRecords