Хуманитарецот и основач на организацијата „Донирај компјутер“ Борче Стаменов и доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија се овогодишните добитници на државната награда „Мајка Тереза“ која се доделува за остварувања во областа на хуманоста, соопшти Министерството за култура.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 26 август, вторник, во 11 часот во Собранието на Македонија.
Борче Стаменов со години подарува компјутери низ целата земја, а има опремено и кабинети во повеќе училишта. Тој во 2023 година ја доби државната награда „Мето Јовановски“ – највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Д-р Ирфан Ахмети е специјалист интернист, субспецијалист ендокринолог, вработен во Универзитетската клиника за ендокринологија во Скопје, а дел е и од Научното здружение за обезност.