Димитар Башевски за збирката „Дни, години“ ја доби Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година

Познатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата  за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Башевски е добитник на наградата за неговата поетска збирка „Дни, години“ во издание на „СЛОВО“.

За наградата одлучуваше жири комисија во состав: Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, Марина Мијаковска (секретар).

„Комисијата оценува дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски, објавена во издание на „Слово“ од Скопје, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. Станува збор за книга со  длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство. Песните на Башевски носат наталожени животни и творечки искуства вклопени меѓу кориците на една стамена книга на автор од формат чии резимирачки поетски изблици претставуваат густ и во исто време прочистен и прозрачен сублимат со слоевити значења и пораки. Тие и такви песни се своевидни „зборовни гнезда“, според една негова синтагма, кои имаат специфична улога: тие колку што одгатнуваат, толку загатнуваат, внесувајќи не во неизречивото, до таа едноставна, „таа суштина чиста“. На тој начин стихозбирката „Дни, години“ се издига на степен на исклучително поетско дело со богата и модерна изразност на „проста и строга песна“, стои во образложението за одлуката.

Фото: НУМ „Струшки вечери на поезијата“

Димитар Башевски, романсиер, раскажувач, поет, преведувач, издавач. Роден во 1943  година во с. Ѓавато, Битолско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје. Повеќе години работел како новинар, постојан дописник од Атина и уредник, а потоа како издавач. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“ и потоа главен уредник на издавачката куќа „Слово“. Од 2000 до 2006 година беше претседател, а потоа почесен претседател на Македонскиот ПЕН центар.

Башевски е автор на следните дела:

Туѓинец, роман, 1969; Враќање, роман, 1974; Нема смрт додека ѕвони, роман, 1980; Една година од животот на Иван Плевнеш, роман, 1985; Куќата на животот, поезија, 1987; Сарајановскиот каранфил, роман, 1990; Дневникот на Ања, роман за деца, 1994; Привремен престој, поезија, 1995; Братот, роман, 2007; Совладано време, поезија, 1998; Бунар, роман, 2001; Аголен камен, поезија, 2005; Братот, роман, 2007; Во дланката своја си гледам, поезија, 2010; Прозорци, роман, 2010; Белег, сон, избор поезија, 2010; Прозорци, роман, нова верзија, 2013; Мајсторот, раскази, 2013; Скршнувања, поезија, 2016; Круг, роман, 2017; Избрани дела во шест тома, 2018; Писма од карантин, есеи, 2021; Дни, години, поезија, 2023.

Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик. Избори од неговата поезија се објавени на англиски јазик во Лондон, на грчки јазик во Атина, на романски јазик во Букурешт и на српскијазик во Белград. Застапуван во поголем број антологии на македонската литературa во земјата и во странство и во македонските енциклопедии.

За своите книги, тој ги има добиено наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата Роман на годината (“Утрински весник”) за романот “Бунар”, како и државната награда за долгогодишни остварувања „Св. Климент Охридски“. Романот „Бунар“ во 2002 година беше номиниран за меѓународната награда „Балканика”, додека книгата раскази „Мајсторот“, беше во најтесниот избор за меѓународната „Његошева награда“ за 2015 година.

Покрај делото на Башевски, во конкуренција за наградата оваа година беа и: „Две мориња“ од Јосип Коцев во издание на Антолог, „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска во издание на „Макавеј“, „Филмски песни“ на Дејан Трајковски во издание на „Бата прес милениум“ и „На врв на јазикот“ на Катица Ќулавкова во издание на „Арс Либрис“.

Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.

Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 24 до 28 август во своето редовно издание на препознатливите локации.