Правда, одговорност и подобри институции бара штипската иницијатива Младината веќе не трпи

Незадоволни од системот во кој живеат и гневни поради прераната загуба на свои другари и другарки во пожарот во кочанската импровизирана дискотека „Пулс“, неколку млади луѓе од Штип по протестите во март ја формираа иницијативата Младината веќе не трпи. Тие за Радио МОФ раскажуваат со што се соочувале за време на протестите, зошто повеќето млади се неактивни, како и што бараат од државниот врв.

„Уште кога беа протестите овде во март, на многу деца, вклучувајќи нѐ и нас, ни велеа од училиштата да не одиме по протести, бидејќи сме мали, бидејќи (нема да верувате, ни се гади) тие веќе се мртви и нашите протести нема да ги вратат во живот. Хамерите ни ги кинеа, фрлаа, уништуваа во училиштата, нѐ молеа и правеа сѐ во нивна сила да нѐ намолат да не одиме на протестите. Не нѐ спречија“, велат од Младината веќе не трпи.

Тие ја започнале оваа иницијатива како одговор на, според нив, немарот на сегашната и секоја претходна власт, поради кои дојде до несреќата во „Пулс“ во која загинаа 62 претежно млади луѓе.

„Најмладата жртва од Штип имаше само 16 години“, потсетуваат од иницијативата, додавајќи дека сакаат да можат да отидат во дискотека и да се забавуваaт без страв дека ќе се запалат или изгорат.

Во јуни, на повеќе места низ Штип беа поставени постери кои повикуваат на борба – „Од тебе зависи, не чекај, дејствувај“, заедно со Инстаграм профилот на Младината веќе не трпи и порака до младите да ги заследат и да им пишат. Сепак, истакнуваат дека нема голем интерес за вклучување во иницијативата.

„Младите не се активираат бидејќи од мали години дома им се вели ‘мал/а си сега, чекај уште малку’ или ‘политиката е за постари, не се замарај’. Исто така, влијае и притисокот од училиштата“, сметаат тие.

Иницијативата бара да се задоволи правдата, или како што велат – „неправдата“, во врска со кочанската несреќа, но и со сите несреќи во периодот 2019-2025 година. Тие бараат одговорност да сносат сите кои биле директни или индиректни соучесници во трагедиите. Исто така, бараат и целокупно подобрување на работата во сите институции (образование, судство, болници итн.).

Дополнително, бараат и исплаќање на оштета кон сите ментално и физички повредени лица.

Пред еден месец, кога навршија четири месеци од трагедијата, Младината веќе не трпи истакна транспарент на плоштадот „Слобода“ во Штип со кој ги праша сограѓаните и властите: „Го заборавивте Кочани?“.

Во саботата, пак, потсетија дека поминаа точно пет месеци од трагедијата во Кочани, за која велат дека сѐ уште има нула одговорни.

Ангела Петкова