[Видео] Објавен документарниот поетски филм „НИЕ“ на Горазд Кени Китановски и Исток Чаповски

Горазд Кени Китановски и Исток Чаповски се режисери на „НИЕ“, документарен поетски филм кој може да се погледне преку нивниот нов Јутјуб канал „Нова радост“.

Авторите велат дека сѐ започнало на едно возење во градски автобус.

„И тогаш се постави прашањето: Што би пишувало во книгата што сите НИЕ заедно би ја напишале? Како зборовите ја дефинираат и дизајнираат нашата реалност? Дали поезијата познава граници? Дали постојат поети кои не пишуваат? Одговорот на овие прашања може да ги дознаете во нашиот прв документарен филм насловен ‘НИЕ’“, соопштуваат авторите.

Тие посочуваат дека „НИЕ“ е поетски филм кој го следи поетшетсвието на еден млад човек кој патува низ убавата Македонија (и Кипар) и БУКВАлно дели листови на сопатниците кои ги среќава.

„На секој лист е напишан по еден стих. Случајниот сопатник ја допишува песната. На овој начин успеавме да напишеме песни со повеќе од 300 луѓе. 300 различни ракописи. 300 различни светогледи… и дознавме дека секој човек сака поезија бидејќи поезијата е крик на љубовта… а кој човек не сака љубов?“, велат дечките од „Нова радост“.

Во филмот ќе може да се погледнат и интервјуа со поетот Тихомир Јанчовски и Александар Лазовски на тема „Моќта на зборот“ како и мултимедијални перформанси ширум републиката.

„‘НИЕ’ не е само филм. Тоа е патување на зборови, на љубов и на заедништво, каде што секој човек станува креатор на својата приказна. Приклучете се на оваа поетска авантура и откријте како зборовите што ги изговараме ги обликуваат нашите животи“, повикуваат Кени и Исток, додавајќи:

„Се надеваме дека ќе се инспирирате од ова патување и ќе го споделите со пријателите кои веруваат во моќта на зборот и љубовта. Не заборавaјте да се претплатите на нашиот канал за повеќе искуства и приказни од светот на уметноста и заедништвото“.

Инаку, како продуцент на филмот е Горазд Кени Китановски, а камерата е на Исток Чаповски, Лина Пашанку и Михаил Митевски. За монтажата е задолжен исто така Исток Чаповски. Филмот е во продукција на „Нова радост“.

Учесници се Тихомир Јанчовски, Александар Лазовски, Перо Сарџоски, Дуња Иванова, Јована Зајкова, Доротеа Попова, Јосиф Попов, Никола Маџиров, Ана Голејшка Џикова, Тања Аждаја, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески и Александар Чаповски.

Во продолжение, потсетуваме и на интервјуто со Кени што го правевме пред неколку години:

[Интервју] Горазд Китановски – Кени: Омилено хоби ми е флертување со креативноста која не познава граници