МЗМП и ЕЦПР: Донесена клучна судска пресуда за Ромите во ризик од бездржавјанство во Македонија 

Основниот граѓански суд во Скопје на 8 јули објави првостепена пресуда со која се одбележува значаен чекор кон заштитата на правата на нерегистрираните лица во Македонија, особено на Ромите, информираат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Европскиот центар за права на Ромите (ЕЦПР). Тие заедно поднеле колективна тужба против Министерството за правда – Управа за водење матичните книги – Скопје, оспорувајќи го неговиот неуспех да го спроведе Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, што резултирало со системска исклученост и дискриминација на Ромите и други лица запишани во „Посебната матична книга на родени“ кои добиле идентификациски документ што им го ускратува еднаквиот пристап до правата во Македонија.

Како што објаснуваат оттаму, со пресудата се наложуваат итни и проактивни институционални реформи со цел да се обезбеди универзален пристап до упис во матичната евиденција и лични документи за сите граѓани, без оглед на нивното етничко потекло и статус.

„Оваа пресуда го потврдува она што го велиме со години: проблемот никогаш не беше само во документите, туку во дискриминаторските системи што ги држат Ромите исклучени. Привремените лични карти и ‘специјалните статуси’ не се доволни – Ромите мора да бидат признати како еднакви граѓани со целосен и безусловен пристап до нивните права. Правдата е предолго одложувана, време е институциите да дејствуваат“, изјави Сенада Сали, правна директорка на ЕЦПР.

Според Бојана Божиновска Силјановска, претседателка на МЗМП, оваа пресуда има особена тежина, иако во меѓувреме беше изменет Законот за матична евиденција и лицата запишани во Посебната матична книга на родени добија редовен упис. За првпат, вели таа, судот недвосмислено утврдува дека институционалната неактивност претставува форма на системска и продолжена дискриминација од потежок облик – дискриминација што со години го одржуваше овој проблем во живот и непропорционално ги погодуваше Ромите.

„Ваквата судска одлука претставува важен преседан што испраќа силна порака до сите надлежни институции – дека признавањето на законски утврдените права не смее да зависи од етничка припадност, социјален статус или лични околности. Институциите се должни да постапуваат навремено, одговорно и со целосна примена на законите, особено кога се работи за деца, при што нивниот најдобар интерес мора секогаш да биде водилка“, посочува Божиновска Силјановска.

Од здруженијата потенцираат дека системските пропусти во уписот во матичните книги во Македонија историски непропорционално ги погодуваат Ромите, лишувајќи ги од пристап до лична документација и изложувајќи ги на ризик од бездржавјанство. Оваа состојба, појаснуваат, главно се однесува на Роми кои имаат потешкотии да го докажат своето место и време на раѓање, често немаат лични карти, живеат во неформални населби или структури, или се бездомници без постојана адреса.

„Како последица, Ромите без соодветна лична документација стануваат правно невидливи за државата, со што се соочуваат со пречки при пристап до вработување, здравствена и социјална заштита, домување и инфраструктура. Истражувања на ERRC и други организации покажуваат дека бездржавјанство кај Ромите во Северна Македонија не постои само како последица на војните во регионот, туку претставува резултат на простран институционален расизам кој ги исклучува Ромите од уписот и на тој начин од основните јавни услуги“, истакнуваат оттаму.

Судот утврди дека Министерството за правда извршило и директна и индиректна дискриминација врз граѓани Роми кои се соочуваат со потешкотии при регистрација на својот граѓански статус, како и повторена и продолжена директна дискриминација кон сите лица од „посебната матична книга“ кои добиле привремени лични документи, поради нивниот маргинализиран статус, лични карактеристики и социјална положба.

Судот, исто така, констатираше индиректна дискриминација – односно последици од наводно неутрални политики кои непропорционално погодуваат одредени групи – посебно Ромите поради нивната етничка припадност. Заклучи дека Министерството било несовесно во својата обврска да ги префрли лицата од посебната во редовната матична книга и поради тоа, и покрај тоа што добиле привремени лични документи, овие лица не можеле да ги остварат своите основни права како што се образование, здравство, социјална заштита и вработување.

Инаку, во 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени со цел да се овозможи основен пристап до права и правен идентитет на поединци кои се исклучени од матичната евиденција поради административни пречки. Сепак, според МЗМП и ЕЦПР перзистентните пропусти во неговото спроведување оставија многумина со неадекватен „посебен извод од матична книга на родени“ или специјална лична карта – документи кои не овозможуваат целосен и еднаков пристап до образование, здравство, социјална заштита и вработување, со што се продолжува исклучувањето, особено на Ромите. Овие проблеми беа посочени од ЕЦПР уште во 2020 година, пред усвојувањето на законот.

„Наместо тоа, обврска на властите е да обезбедат редовна регистрација по службена должност во рок од 30 дена по добивање на привремената документација. Во пракса, тие не ја исполнуваат оваа обврска. Дополнително, привремените документи не ги исполнуваат своите цели и често не се признаени, што значи дека нeрегистрираните лица не можат да ги користат за пристап до услугите за кои се предвидени“, забележуваат од здруженијата.

Тие колективната тужба ја поднеле на 11 ноември 2022 година во име на лицата запишани во Посебната матична книга на родени кои добиле лична идентификациска исправа. Како што додаваат, овие лица, претежно Роми, се лишени од основни права поради неадекватна и нефункционална лична документација.

„Дополнителна претставка беше поднесена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која во 2023 година донесе мислење со кое наложи реформи по трагичната смрт на 20-годишниот ромски млад човек Мемет Камбер, кој не можеше навремено да добие медицинска помош поради пречки предизвикани од немање соодветна лична карта“, наведуваат оттаму.