Дијабетичарите алармираат: Нема терапија за нови пациенти, а на постоечките им се заканува ревизија на лекувањето

Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија неколку пати укажува на министерот за здравство и јавноста дека нивните права како пациенти со дијабетес, корисници на инсулинска терапија и друга современа анти дијабетична терапија, се загрозени, односно прекршени.

„Критериумите за избор на ленти, ланцети, глукометри и сензори се сведуваат на најниска понудена цена. Ова е во кратки црти она што го заговара комисијата која е дел од вашето министерство а кој што став е целосно спротивен од нашите потреби за обезбедување на современи помагала со дефинирани и прифатливи перформанси“, пишуваат од сојузот до министерот Азир Алиу.

Како што појаснуваат оттаму, тендерот за набавка на инсулинска терапија е завршен и договорите се потпишани пред речиси два месеци. Во овој момент, дијабетичарите се’ уште немаат достапни количини за ново поставени пациенти на современата антидијабетична терапија.

„За ова како сојуз бевме известени од страна на претходниот министер како големо постигнување на нашето министерство, истото го поздравивме со големо воодушевување но од тоа за сега се’ уште нема ништо и се чуствуваме целосно излажани и изиргани. Количините на инсулинските производи по инсулинсиките аптеки се сведени на минимум и со тоа не се обезбедуваат предуслови да се задоволат потребите на постоечките пациенти“, велат тие.

Понатаму, тие информираат и дека од некој од докторите ендокринолози кои работат во центрите за дијабетес, до нив, како сојуз, стасале информации дека комисијата за дијабетес ќе почне да прави ревизија на постоечката терапија.

„Им било наведено дека на сите постоечки пациенти со современа терапија, истата ќе им биде ревидирана. Дали оваа ревизија значи дека доколку комисијата одлучи дека некој пациент не треба да биде повеќе на терапија што му ја одредил неговиот матичен ендокринолог ќе биде сменет односно префрлен на друга терапија? Како Вие на нас како пациенти ќе ни објасните дека ние ќе добиваме терапија по ревизија која нема да се прави во лекарска ординација туку во некои од салите за состаноци во министерството за здравство?“, прашуваат од сојузот.

Дополнително, пациентите се прашуваат и дали ова значи дека комисијата за дијабетес на чело со нејзиниот претседател не им верува на стручните компетенции на неговите колеги ендокринолози, дали тие според него не се стручни да одлучуваат за нивната тековна терапија. Ако е тоа така, тогаш јавно прашуваат кој тоа нив ги лечи и каде се нивните права дозволени согласно законот за заштита на правата на пациентите?

„Дали ова значи дека ниту еден центар за дијабетес не е покриен од стручни и компететни ендокринолози кои не знаат да применуваат медицина базирана на докази? Дали ова значи дека, сите преку 40.000 пациенти корисници на инсулинска терапија, ќе треба да дојдеме во министерсво за здравство на преглед и дали за тоа ќе треба да закажеме термин преку системот ‘Мој термин’? Ова прашуваме од логистички аспект да знаеме со време да си закажеме преглед кај комисијата. Пробуваме и во оваа лоша ситуација да останеме позитивни, но се плашиме дека ѓаволот веќе ја однел шегата“, нагласуваат од сојузот.

Како што посочуваат, тие останале „фрапирани“ дека во Законот за здравствена заштита ингеренции на комисијата за дијабетес се повеќе од реално дозволени и изводливи активности, за ниту една друга болест и терапија не постои комисија која е влезена во закон. Дијабетичарите се чувствуваат обесправени и како граѓани од втор ред.

Оттука, сојузот апелира до министерот за здравство на разбирање и свесност. Никој од нив 40.000 пациенти, истакнуваат, не е поставен на терапија ако немало медицинска потреба за истата и ниту една терапија не е препишана од доктор кој не е обучен да ја дава терапијата што им е потребна. Напоменуваат дека било која потенцијална ревизија на нивна терапија тие ќе ја сфатат како обид за губење на нивното веќе стекнато право за современа терапија и како директен удар на нивното здравје.

Сојузот бара итна промена на законските ингеренции на националната комисија за дијабетес, новите количини од современата терапија да бидат испорачани до инсулинсиските аптеки а системот да се одблокира за да се иницираат нови пациенти и итно распишување на тендерот за глукометри, ленти, ланцети и сензори согласно критериумите кои ќе бидат прифатливи од нив пациентите.

„Апелираме и сме спремни за ревизија но да се направи ревизија на 2015, 2014 кога исто така комисијата за дијабетес во тоа време, замислете со ист член кој сега е претседател даде амин за паралелен увоз, даваше инструкции за административно префрлување на пациенти од една на друга терапија, администратитво и кабинетски допринесуваше да се влоши здравјето на нашите пациенти и ние тоа како пациенти ниту можеме ниту сакаме да го заборавиме“, потенцираат оттаму.

Доколку министерот не одговори на нивните барања, додаваат од сојузот, не им останува ништо друго освен да повикаат на протест пред министерсво за здравство и пред Влада.

Министерството за здравство три месеци не одговорило на барањата на дијабетичарите, сега се обраќаат до новиот министер