Еден починат и четири новозаразени со Ковид-19

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие од Ковид-19 починало едно лице од Скопје на 66-годишна возраст во болнички услови.

Истовремено, оттаму информираа дека во последните 24 часа се потврдени 4 нови случаи на Ковид-19, односно регистрирани се 3 случаи во Скопје и 1 во Прилеп.

Регистрирани се 14 оздравени пациенти, односно, од Скопје – 8, Куманово – 3 и по 1 од Прилеп, Неготино и Македонска Каменица.

„Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.540, бројката на оздравени пациенти е 149.642, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 426“, стои во соопштението на МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 835.436 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 1.337 тестови.

Во ковид центрите во Скопје за 24 часа има само еден нов хоспитализиран пациент, додека вкупниот број на лица кои се лекуваат таму се 34 болни, сомнителни и потврдени на Ковид-19. На инфективните одделенија низ земјата пак, се лекуваат 65 пациенти.