Научниците го откриле потеклото на „Змејскиот Човек“ дополнувајќи ја сликата за семејството на праисториски луѓе

Нова молекуларна анализа на череп најден во Кина покажала дека не се работи за сосем нов вид, туку за припадник на денисовците, истребена популација праисториски луѓе кои живееле на повеќе места низ Азија.

Староста на фосилниот череп од областа Харбин е проценета на најмалку 146 илјади години. Има истакнати рамни образи, широка уста, изразени веѓи односно супраорбитален гребен, длабоко поставени очи. Структурата на главата покажува сличности, но и разлики со черепите на архаичните луѓе и неандерталците. Обемот на мозокот бил 7% поголем од просекот за денешните луѓе, пренесува новинската агенција Мета.

Поради староста, од черепот не можело да се извлече доволно ДНК за целосна анализа. Докторката Чиамеи Фу и нејзиниот тим од Институтот за палеологија и палеоантропологија на р’бетници од Пекинг успеале да ги проучат протеините од внатрешните коски и забниот камен, со кои покажале дека се работи за припадници на истиот вид праисториски луѓе кои за прв пат се пронајдени во Денисовата Пештера во рускиот дел на Сибир.

Позиција на вилицата од каде од забен камен е издвоена митохондриска ДНК. Извор: Denisovan mitochondrial DNA from dental calculus of the >146,000-year-old Harbin cranium by Qiaomei Fu et all. Cell.com (CC BY 4.0)

Кинеските научници своето открите ги публикувале изминатава недела преку научни трудови објавени во угледните списанија Cell и Science, предизвикувајќи мала сензација во палеонтологијата.

Бидејќи имаат заедничко потекло и понекогаш живееле во исти области и слични услови со неандерталците, за денисовците генерално се смета дека наликувале на нив и по други карактеристики покрај коскениот гребен над очите. Черепот и претходно откриените заби биле големи по денешни стандарди, па се претпоставува дека денисовците биле прилично крупни и мускулести, со тежина од околу 100 килограми.

Сторијата за мистериозниот череп започнала 1933 година, кога наводно го нашол еден градежник при изградба на мост на реката Лонг Џианг (во превод Змејска Река). Пронаоѓачот потоа го сокрил черепот на дното на бунар, каде што останал наредните 85 години. Тајната ја открил на својот внук на смртната постела.

Во 2018 година черепот анонимно му бил предаден на Чианг Џи, палеонтолог од Универзитетот Хабеи ГЕО во Шиџиажуанг во Кина. Во чест на местото на пронаоѓање на фосилот, истражувачите му наденале прекар „Змејски Човек“ (анг. Dragon Man).

Во 2022 година Џи и неговиот тим објавиле научен труд во списанието Cell со кој изнеле теорија дека се работи за новооткриен архаичен човечки вид, кој го нарекле homo longi.

Откритието на тимот на Фу дека не се работи за „нов“ вид, туку за дополнување на знаењата за претходно откриени хоминиди предизвика возбуда и во научните кругови и во деловите на интернет каде се дискутира за научни прашања.

Во интервју и напис за New Scientist, новинарот и популаризатор на науката Мајкл Маршал истакна дека ова значи дека се составуваат деловите од сложувалката за поцелосно опишување на денисовците.

Според научните критериуми, за да се определи нов вид не се доволни само генетски докази, туку и низа други податоци, особено информации за скелетот, кои се уште недостасуваат. За сега на различни места низ Азија се најдени коски од прст, делови од вилици, заби, како и горниот дел на черепот. Но немаме остатоци од р’бет, карлица или екстремитети кои се неопходно и за поцелосна слика.

Се претпоставува дека телесната градба на денисовците била слична на неандерталците, но бидејќи живееле низ голем дел од Азија, постои можност да имало различни популации прилагодени на различна клима. Така, северната популација може да била поробусна или набиена, додека јужната да била пограцилна, слична на предците на денешните луѓе со кои се среќавале и размножувале.

Локации на досега пронајдени денисовски фосили. Извор: Denisovan mitochondrial DNA from dental calculus of the >146,000-year-old Harbin cranium by Qiaomei Fu et all. Cell.com (CC BY 4.0)

Во некои делови на Јужна Азија, како Индија, каде сѐ уште не се пронајдени фосили од овој исчезнат вид, генетските истражувања покажале до 5% учество на денисовски гени кај современото население.

За сега, денисовците не се признаени како посебен вид праисториски луѓе, иако нивната генетика најмалку во иста мера се разликува и од онаа на денешните луѓе и на неандерталците.

Кајли Дуринг, холандска јутјуберка која известува за научни откритија, посочува дека палеогенетичарот Сванте Паабо изјавувал дека покрај разликите, сите овие гранки на нашето семејство се сродни и генетски доволно слични за да се сметаат едноставно за homo sapiens.

Паабо има добиено нобелова награда за неговата работа на секвенционирање на неандерталскиот геном и прв ги открил разликите меѓу нив и денисовците, преку анализа на ДНК од коска од прст на дете најдена во Денисовата Пештера.

Аргумент дека не се работи за различни видови хоминиди е дека сите три можеле да се вкрстуваат и раѓаат плодно потомство, заради што дел од гените на современите луѓе потекнуваат од денисовци и неандерталци. Во Тибет на пример, способноста на домородното население за живот на висока надморска височина се поврзува со наследување денисовски гени. Некои од неандерталците кои пробитно живееле во Европа имале светли очи, кожа и коса, за разлика од црномурестите предци на современите европјани, кои подоцна дошле од Африка.

Мета.мк