МОН: Нова платформа ќе ги поврзува научниците од земјава со нивните колеги од Европа

Научниците во земјава ќе може да ги споделуваат научните трудови, анализи и збирки податоци со своите колеги во Европа, а ќе имаат пристап и до нивните платформи преку посебната лабораторија „Европски облак за отворена наука“ (Open Science Cloud) која е инсталирана на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири по повод вчерашното отворање на обуката за користење на лабораторијата што ја организира ФИНКИ како институција која го координира процесот на пристапување кон платформата и активностите за нејзина надградба, преку пополнување со отворени податочни сетови креирани во Северна Македонија.

Тој додаде дека „Европскиот облак за отворена наука“ (EOSC) е камен-темелник на дигиталната стратегија на ЕК за истражување и дека вклучувањето во оваа платформа ќе придонесе за модернизација на науката, повеќе иновации, градење на капацитети на истражувачите и нивна интеграција во европскиот истражувачки простор.

Министерот информираше дека за поддршка на лабораторијата, земјава номинираше членови во Управниот одбор на EOSC во 2020 година, а со формирањето на здружението EOSC, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, односно Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, се здоби со статусот полноправна членка.

На работилницата за примената на платформата за поврзување на научниците и истражувачките работници од Европа што се одржува во Охрид, учествуваат околу 100 учесници од земјите од Западен Балкан и Украина.

Посебната лабораторија е набавена е со поддршка од државата пред 2 години кога со 4 милиони евра, како што велат од МОН, се набави опрема за повеќе научни и високообразовни установи.