Часовникот за „крај на светот“ поставен на 90 секунди до полноќ, најблиску до апокалипса досега

Стрелките на симболичниот часовник кои одбројуваат колку сме далеку од „крајот на светот“ научниците ги поместија 10 секунди нанапред, на 90 секунди до полноќ, што претставува најблиску до потенцијална апокалипса од создавањето на овој часовник во 1947-та година на почетокот на „Студената војна“.

Научниците секоја година го менуваат часовникот во зависност од егзистенцијалните закани по човештвото, а полноќ означува крај на светот каков што го познаваме.

Одлуката ја носи одборот на „Bulletin of the Atomic Scientists“ (БПА), научното списание кое го го објавува часовникот, во кој се вклучени 13 нобеловци. Овогодишното соопштение покрај на англиски, беше објавено и на руски и украински јазик. Научниците велат дека оваа година часовникот најмногу бил поместен поради војната во Украина.

„Руската инвазија врз Украина го зголеми ризикот од користење на нуклеарно оружје, го подигна спектарот на користење на биолошки и хемиски оружја и го поткопа глобалниот одговор на климатските промени, како и меѓународните заложби за справување со другите светски опасности. Инвазијата и анексирањето на украинска територија исто така ги прекрши меѓународните принципи на начин што може да охрабри други да преземат акции што е закана за стабилноста“, велат од БПА.

„Руските недискретни закани за користење на нуклеарно оружје го потсетија светот дека ескалацијата на конфликтот, преку грешка, намера или погрешна пресметка е огромен ризик. Можноста конфликтот да излезе надвор од секаква контрола останува висока“, додаваат од списанието.

Меѓу другите закани кои оваа година ги посочија експертите се и климатските промени, биолошките закани и опасните технологии.

Во 2020 година стрелките на часовникот беа поместени на 100 секунди до полноќ, а изминатите две години, во 2021 и 2022, стрелките останаа на иста позиција.

Досега во историјата часовникот бил најдалеку од полноќ на крајот на Студената војна, кога научниците го ставиле на 17 минути до полноќ.

Симболичната направа е создадена во 1947 година од научниците кои го формирале списанието „Bulletin of the Atomic Scientists“. Научното списание е основано на Универзитетот во Чикаго од група научници кои помогнале во развој на првите атомски оружја. Денеска, групата вклучува физичари и еколози од целиот свет, кои одлучуваат дали е потребно да се промени изгледот на часовникот во консултација со нобеловци.