Часовникот за „крај на светот“ научниците го ставија на 100 секунди до полноќ, што е најблиску во историјата

Стрелките на симболичниот часовник кои одбројуваат колку сме далеку од „крајот на светот“ научниците ги поместија 20 секунди нанапред, на 100 секунди до полноќ, што претставува најкратко време до катастрофа од создавање на овој часовник во 1947-та година на почетокот на „Студената војна“.

Во објаснувањето за приближувањето до „крајот на светот“, научниците го посочија зголемениот ризик од нуклеарните оружја, сајбер кампањите за дезинформирање, како и климатската криза кои се на рекордно високо ниво. Тие го нарекоа моменталното окружување како „екстремно нестабилно“.

„Светот мора да се разбуди. Нашата Планета се соочува со две симултани егзистенцијални закани“, вели Мери Робинсон, шефица на независната група на глобални лидери наречена „Стерешини“ (The Elders), која заедно со поранешниот Генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, симболично ги поместија стрелките на часовникот.

Робинсон додава и дека државите кои не сакаат да ги елиминираат емисиите на стакленички гасови, кои ја загреваат планетата, и наместо тоа експлоатираат фосилни горива „пишуваат смртна казна за човештвото“.

Според неа, додека притисокот на јавноста е единствена надеж за климата, не постои таков вид на притисок врз лидерите за да се спречат нуклеарните закани.

„Додека нуклеарните оружја се достапни, неизбежно е дека еден ден тие ќе бидат искористени, по грешка, недоразбирање или намерно“, рекла Робинсон.

Последните три години овој часовник се наоѓа најблиску до „крајот на светот“. Претходно времето до полноќ било најкратко во 1953 година, кога стрелката за минути се нашла на две минути до апокалипсата откако САД и Русија извршија тестирања на хидрогенски бомби.

Симболичната направа е создадена во 1947 година од научниците кои го формирале списанието „Bulletin of the Atomic Scientists“. Научното списание е основано на Универзитетот во Чикаго од група научници кои помогнале во развој на првите атомски оружја. Денеска, групата вклучува физичари и еколози од целиот свет, кои одлучуваат дали е потребно да се промени изгледот на часовникот во консултација со 15 нобеловци.

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.