ХОПС со иницијатива „Едукацијата менува, казната крши“: Потребни се итни реформи во политиките за дроги

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ја започна кампањата „Едукацијата менува, казната крши“, како дел од глобалното движење „Support. Don’t Punish“. Главната цел на оваа иницијатива е да се нагласи неопходноста од итни реформи во актуелните политики за дроги во Македонија, особено по неодамнешните измени на Законот за прекршоци против јавен ред и мир.

„Традиционалните политики на ‘војна против дрогите’ од минатиот век донесоа огромни штети, криминализирајќи ги луѓето кои употребуваат дроги и туркајќи ги на маргините на општеството. Ова резултираше со ускратување на основните човекови права, вклучувајќи пристап до здравствена грижа и третман“, истакнуваат од ХОПС.

Како одговор на овие репресивни политики, во 2013 година започна глобалното движење „Support. Don’t punish“ („Поддржи, не казнувај“). Оваа иницијатива се залага за политики кои се фокусираат на јавното здравје и човековите права, наместо на прогон и репресија. Целта е да се подигне свеста, да се зајакнат заедниците погодени од овие политики и да се отвори дијалог со креаторите на политиките.

Во склоп на кампањата, утре (20 јуни) со почеток во 20 часот ќе се случи и настанот „Едукацијата менува, казната крши“ во „1020 Kitchen & Bar“ во Лептокарија.

„Додека разменуваме мислења за оваа важна тема, ќе уживаме во одличен DJ сет од DJ BB14 x BV14. Истовремено, ќе имаме можност да проследиме и live art перформанс на mr. Poked, кој визуелно ќе ја пренесе пораката ‘Едукацијата менува, казната крши’“, најавуваат од здружението.

ХОПС повеќе од една деценија е активен дел од глобалната кампања „Поддржи, не казнувај“. Нивната цел е да го пренасочат фокусот од казнувањето кон неопходната поддршка и почитување на правата на луѓето кои употребуваат дроги.

„Неодамна, Собранието ги усвои измените на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, со кои се воведе парична казна од 100 до 250 евра за поседување наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори за лична употреба. Иако предлагачите тврдат дека ова ќе овозможи санкционирање и одвраќање на рецидивистите, ХОПС смета дека овие причини не соодветствуваат со праксата“, нагласуваат од здружението.

Кампањата, велат оттаму, се фокусира на неколку клучни аргументи:

– Едукацијата пред казната: Основниот принцип е дека едукацијата и превенцијата се многу поефективни во справувањето со проблемите поврзани со дрогите отколку строгите казнени мерки. Казнувањето, особено за корисниците на дроги, честопати води кон стигматизација, социјална исклученост и влошување на проблемот, наместо негово решавање.

– Хуман пристап: ХОПС се залага за хуман пристап кон луѓето кои користат дроги, третирајќи ги како индивидуи на кои им е потребна поддршка и помош, а не само казна. Ова вклучува пристап до здравствени услуги, советување и програми за намалување на штети.

– Потреба од реформи: Постоечките закони и политики за дроги се застарени и неефикасни. Неодамнешните измени на Законот за прекршоци против јавен ред и мир, кои можеби предвидуваат построги казни, се гледаат како чекор наназад кој потенцијално може да ја влоши состојбата.

– Глобална поддршка: Кампањата е дел од поширокото меѓународно движење „Support. Don’t Punish“, што ѝ дава тежина и ја става во контекст на глобалните напори за хуманизирање на политиките за дроги.