Во Њујорк се отворија два локали за безбедно користење на дроги

Во обид да се намали растот на починати поради предозирање од силни улични дроги, во Њујорк се отворија првите два локали за безбедно и надгледувано користење на дроги.

„Њујорк тајмс“ пренесува дека вработените професионалци ќе ги нагледуваат зависниците, а локалите ќе бидат снабдени со чисти игли и Наксолон за да се спречи предозираност. Корисниците ќе носат своја дрога, а ќе им бидат понудени и опции за лекување од зависност.

Двете безбедни локации се отворени на Менхетн, поточно во населбите Источен Харлем и Вашингтон Хајтс.

Њујорк, кој е најгусто населен град во САД, ќе стане првиот американски главен град кој официјално отворил безбедни локали за користење дроги.

Се очекува безбедни локали да се отворат и во Филаделфија, Сан Франциско, Бостон и Сиетл, градови кои одамна стремат кон овие политики и организираат јавни дебати на темата.

Во интервју, докторот Дејв А. Чокши, здравствен функционер, изјави дека градот се труди да ја реши кризата во јавното здравје.

„За жал, 2020 беше најсмртната година по број на предозирања, тука во Њујорк, но и генерално во САД. Секои четири часа, некој умира од предозирање во Њујорк. Чувствуваме итна потреба за отворање на локалите каде што се спречуваат предозирањата“, нагласи тој.

Градоначалникот Бил де Бласио, започна со проектот за безбедни локали во 2018 година, зборувајќи за нивниот успех во европските и канадските градови.

Одлуката да се одобрат ваквите локали дојде за време на првите недели на градоначалничката фунција на Бласио.

Градоначалникот исто така испратил писмо до службите за безбедност, за тие да не ги апсат корисниците.

„Ние секогаш се обидуваме да го направиме вистинскиот баланс помеѓу полицијата, рехабилитацијата и превенцијата. Сметам дека луѓето кои користат дроги треба да ги користат во безбедна околина, наместо во тоалет во Мекдоналдс, слепи улички или во метрото“, изјавил Сајрус Венс Џуниор, општински функционер за Менхетн.

Над 2000 лица починале поради предозираност во Њујорк во 2020 година, што е највисока бројка откако градот започнал да ги брои смртните случаи од предозираност во 2000 година. За првите три месеци од 2021 година, имало скоро 600 починати од предозираност.

Бранителите на локалите за безбедно користење на дроги велат дека локалите не само што ќе ги спречат смртните случаи од предозирање, туку ќе го намалат проблемот со јавното користење на дроги, практика зад која остануваат употребени шприцови и игли на јавните простори.

Внатре во безбедните локали има одделни тоалети за корисниците, кои се опремени со стол, биро и маса за менување пелени.

„Доколку се задржите во тоалетите повеќе од 15 минути, вработените ќе чукнат на вратата и ќе прашаат дали сè е во ред. Доколку корисникот не одговори, тие влегуваат внатре“, објаснуваат вработените.