Третата регионална лабораторија за младински политики за медиумска писменост и дигитализација се одржа на 22 мај 2025 година, со учество на 22 претставници од граѓанското општество, медиумите, академската заедница и институциите на земјите од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
„Учесниците разговараа за актуелните политики, ситуации и процеси во областа на медиумската писменост и потребите на младите луѓе и нивото на дигитализација во регионот. Како продолжение од дискусиите од првата и втората регионална лабораторија, одржани во 2024, учесниците препорачуваат охрабрување на медиумите да ја приспособат содржината за дигиталните платформи и за младите луѓе со цел намали јазот помеѓу традиционалните медиуми и младите луѓе“, информираат од НВО Инфоцентарот.
Од таму посочуваат дека учесниците се фокусираа на развивање препораки во неколку области, меѓу кои хармонизирање на националните законодавства со стандардите на ЕУ за медиуми и дигитална писменост и поттикнување на усогласувањето на законските рамки со директивите на ЕУ за да се обезбеди конзистентно и квалитетно медиумско образование.
Потоа, побараа интегрирање на медиумите и дигиталната писменост во националните закони за образование и стратегиите за наставни програми, како и формализирање на овие теми како дел од националниот образовен систем за да се гарантира нивната одржливост на сите нивоа на образование.
Воедно, препорачаа инвестирање во развој и подготовка на нови професионалци со вештини за спроведување на наставни програми за медиумско образование, како и поддржување на програмите за обука на наставници и универзитетските модули што ги опремуваат едукаторите со практични алатки за предавање медиумска писменост.
Исто така, образованието за медиумска и дигитална писменост да биде практично, а не само теоретско, како и поттикнување на практично учење, критичко размислување и примена во реалниот живот во училниците за да се подобри ангажманот и разбирањето на учениците.
Инаку, регионалната лабораторија за млади, медиумска писменост и дигитализација е дел од проект „Регионален младински дијалог за Европа – RYDE“, поддржан од Европската Унија. Проектот го спроведува Фондацијата Центар за демократија од Србија во соработка со граѓанските организации (ГО) од Западен Балкан: Академија за европски интеграции и преговори и Центар за младинска акција (Албанија), Иницијатива за стабилност на Косово (Косово), Мрежа на прогресивни иницијативи (Босна и Херцеговина), Фондација НВО Инфоцентар (Северна Македонија) и Регионална академија за демократски развој (Србија).
Фото: НВО Инфоцентар