Меѓународниот „Фестивал за современа музика 2025“ ќе се одржи од 26 до 29 мај во Штип

Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одржува третото по ред издание на меѓународниот „Фестивал за современа музика 2025“, кој ќе трае од 26 до 29 мај во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Сите концерти започнуваат во 19 часот, а влезот е бесплатен.

„’Фестивалот за современа музика 2025’ е посветен на промоција на светското и на домашното исполнителство и творештво. Во рамките на овогодишната програма фестивалот во својот традиционален пролетен термин ќе понуди четири камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани странски и домашни уметници кои своето уметничко реноме го градат низ светските концертни подиуми“, информираат од Музичката академија.

Годинава фестивалот ќе го отвори Новосадското камерно трио „Хероини“, составено од уметниците Ксенија Мијатовиќ-Кором – флејта, Вероника Антуновиќ-Мариќ – обоа и Слободанка Стевиќ – пијано.

„Еминентната пијанистката Милица Јелача-Јовановиќ, која ни доаѓа од Вашингтон, САД, ќе настапи на втората фестивалска вечер, на 27 мај, а како гостин на концертот ќе настапи и нашата реномирана пијанистка Милица Шкариќ“, истакнуваат организаторите.

Камерното дуо во состав Татјана Џорлева – пијано и Ангеле Михајловски – пијано ќе настапат со програма за четирирачно пијано на 28 мај.

„Концертите ќе донесат богата, нова и свежа музичка програма, вклучувајќи и премиерни дела, со што Штип ќе го донесе духот на новото музичко живеење во светот“, додаваат од Музичката академија.

Во рамките на својата редовна концертна програма, „Фестивалот за современа музика“ традиционално ќе го отстапи својот подиум и на младите уметници, со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на нивната концертна кариера. На 29 мај ќе настапат студентите на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ –  Штип.

„Можноста да го претстават својот талент на професионалниот концертен подиум е особено значајна за младите музичари и нивниот понатамошен развој и напредок на уметничкиот пат“, велат оттаму.