Седмо издание на „Текстилијада“ од 5 до 7 октомври во Штип

Под мотото „Текстилна правда – размислување за минатото, замислувајќи ја иднината“, од 5 до 7 октомври ќе се одржи седмото издание на „Текстилијада“ во Штип.

Во организација на „Гласен текстилец“, настаните, кои опфаќаат и социјални и уметнички аспекти, се дизајнирани да ги мотивираат младите луѓе и работниците активно да се вклучат во процесите на донесување одлуки кои ги засегаат обичните граѓани.

На првиот ден од манифестацијата, утре, на 5 октомври, ќе бидат пречекани гости од Шведска, дојдени на тридневна посета на Штип, а на истите градот ќе им биде претставен како Текстилен центар на Македонија, преку посета на текстилните фабрики.

На првиот ден од „Текстилијада“ ќе биде откриен муралот „Текстилна работничка во минатото или иднината“, во центарот на Штип, а организаторите посочуваат дека тој цели да ја истакне улогата на текстилната индустрија во еманципацијата на жената во минатото во Штип.

Потоа, ќе следува дискусијата „Дискриминација на работното место, Комисија за заштита и спречување на дискриминација“, организиран во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација до работниците (КСЗД), запознавање со дејностите и улогите на КСЗД, Комисија за еднакви можности помеѓу мажите и жените (КЕМ), и работата на граѓанските организации кои работат во полето на родово-базираната дискриминација и работничките права.

Наредниот ден ќе започне  со откривање на скулптурата „Корени на традицијата“, која е изработена од уметникот Андреј Миневски.

„Оваа скулптура е изработена налик дрво со млада и стара гранка од двете страни, игла и конец во средината на скулптурата. Повторно преку уметност сакаме да оставиме белег во нашиот Штип и да ја потенцираме важноста на текстилната индустрија и дека треба развивање на истата за да традицијата на секторот продолжи“, целат од „Гласен Текстилец“.

Во рамки на вториот ден ќе бидат одржани и два форуми, едниот за подемот и падот на текстилната индустрија во Борос, Шведска, а втоиот на тема „Одржливата мода низ призмата на брендовите и концептот на Борос“.

Вториот ден од „Текстилијада“ ќе продолжи со доделување на наградите од литературниот конкурс на тема „Што е правдата“, на кој учествувале штипски средношколци и ученици, а ќе следува и изложба на плакати за правда кон текстилните работнички изработени со вештачка интелигенција.

Третиот и последен ден,  ќе се одржи дебата за актуелната состојба, пречките и проблемите со кои се соочуваме како работници и здружение во судските лавиринти и дали е можна правда за работниците, а ќе продолжи со панел-дискусијата на тема „Open Balkan (Отворен Балкан) и работничките права – Трка до дното”, со меѓународни говорници од Албанија, Косово, Србија и Македонија.

Потоа ќе следува промоцијата на шестото издание на работничкиот весник „Текстилец“ и работничкиот пикник организиран во античкиот град Баргала, каде во соработка со Општина Штип, работничките ќе имаат можност да научат повеќе за синдикалното организирање во земјава и надвор од неа.

Седмото издание на „Текстилијада“ ќе биде заокужено со промоција на стрипот „Супер работничка“, изработен од дизајнерот Никола Костовски, по иницијалната идеја на Денис Ампев.

„Стрип изложбата ‘Супер работничка’ е продолжение на претходната супер хероина која ќе им помогне на работниците да се изборат за своите права. Оваа супер хероина не е класичен херој кој го спасува светот, туку ќе покаже дека работниците можат да се борат за своите права на работното место без да чекаат некој суперхерој да го направи тоа, потребна им е само солидарност и синдикализација“, велат од „Гласен Текстилец“.