Потребни се повеќе инвестиции во поддршка на родово одговорни семејни политики, вели УНФПА на Меѓународниот ден на семејството

Потребни се повеќе инвестиции во поддршка на семејствата за да се справиме со родовите нееднаквости, да се обезбеди здрав развој на децата, да се подобри благосостојбата на семејствата, да се поттикне економскиот раст и да се создадат поинклузивни и поотпорни општества, истакнува Регионалната канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за Источна Европа и Централна Азија, по повод Меѓународниот ден на семејствата.

Фондот за население на ОН нагласува дека политиките за поддршка на семејствата треба да бидат родово одговорни за да бидат ефикасни. Ова значи дека тие мора да одговорат на родовите нееднаквости, вклучително и неплатената работа за нега, да ги заштитат правата на жените и да не ги одржуваат штетните родови норми, улоги и стереотипи.

Студијата на УНФПА и УНИЦЕФ, „Цената на немањето родово одговорни семејни политики“, покажува дека недостатокот на политики и на поддршка за семејствата што им се од полза на жените, мажите и децата носи значителни социјални и економски трошоци.

„Добро осмислени и дарежливи политики за поддршка на семејствата се во корист на поединците, семејствата, компаниите и општествата во целина, а, исто така, тие го зајакнуваат капацитетот на земјите за да се справат со демографските промени. Тие се суштинскиот пат кон градење поинклузивни, правични, отпорни и, на крајот, попросперитетни општества“, вели Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Студијата покажува дека длабоко вкоренетите родови норми низ регионот и натаму им ја даваат примарната одговорност за нега и домашни работи на жените. Ваквите очекувања резултираат со тоа што жените во Европа и Централна Азија поминуваат значително повеќе време на неплатена работа за нега отколку мажите, понекогаш петпати повеќе, а некогаш и повеќе од тоа.

„Ограничената достапност или тесниот опсег на семејните политики непропорционално ги погодува жените, честопати принудувајќи ги да избираат помеѓу вработување или раѓање деца. Резултатот од недостатокот на пристап до ресурси и економска независност, како и недоволната искористеност на вештините и потенцијалот на жените, доведува до намалена економска продуктивност и побавен целокупен раст“, истакнуваат од УНФПА.

Покрај тоа, додаваат тие, недостатокот на родово одговорни семејни политики ги лишува децата од клучните можности за учење и го попречува нивниот развој, што го намалува нивниот потенцијал за иден економски придонес и придонесува за нееднаквост, со што им отежнува на земјите да го изградат човечкиот капитал неопходен за инклузивен социоекономски развој и демографска отпорност.

Неодамнешното мапирање на семејните политики во 21 земја и територии во Централна и Источна Европа и Централна Азија открива различни нивоа на напредок и значајни предизвици. Мајчинското отсуство е законски пропишано во сите земји и територии, со времетраење од 16 до 52 недели. Меѓутоа, достапноста на финансиски бенефиции и целокупната достапност варираат, при што самовработените мајки се честопати исклучени. Повеќето земји и територии имаат законски одредби и за татковското отсуство, но не и во Грузија, Туркменистан и Узбекистан.

„Онаму каде што е достапно, отсуството е честопати кратко (на пример, 7-14 дена) со мало искористување поради несоодветна компензација или загриженост за работното место и покрај позитивното влијание врз поврзувањето на таткото и детето и оспорувањето на родовите норми“, објаснуваат од Фондот за население на ОН.

Родителството отсуство, пак, е достапно во речиси сите земји и територии, но подобноста е ограничена на мајките во три од нив. Времетраењето варира во голема мера (од 44 работни дена до 156 недели), а различните нивоа на надоместоци влијаат врз користењето, особено кај татковците. Самовработените родители во седум земји немаат пристап до парични бенефиции. Чешка е единствената земја што им дава родителско отсуство на истополовите родители.

Дополнително, деветнаесет земји обезбедуваат негувателско отсуство, но тоа е платено само во шест земји и не секогаш во целост, а честопати е ограничено на негата за децата. Работата со скратено работно време за родителите е вообичаена (14 земји и територии), но работата од дома (10 земји) и флексибилното работно време (7 земји) се помалку распространети, при што различните критериуми за подобност честопати се ограничени на мајки или родители на мали деца.

Според мапираните семејни политики, исто така, пристапот до прифатлива, висококвалитетна грижа за деца на возраст од 0-2 години е ограничен, што честопати бара значителни лични трошоци. Предучилишните системи за деца на возраст од 3+ години се почести (19 земји и територии), но трошоците сè уште можат да бидат пречка. Четиринаесет земји покажуваат значителен јаз без соодветно родителско отсуство, ниту пак законска грижа за деца достапна во подолги периоди.

Семејни и детски бенефиции значително се разликуваат во подобноста и нивоата, што понекогаш придонесува за исклучување или стигма. Грантовите за раѓање се вообичаени, но надоместоците за посвојување се ретки.

Врз основа на наодите од студијата, УНФПА повикува на одржливи и интензивирани напори за развој и доследно спроведување на родово одговорни семејни политики. Ова, како што наведуваат оттаму, бара приоретизирање на родово одговорните семејни политики во националното креирање политики, справување со постојните јазови во политиките и предизвиците за нивно спроведување, активно оспорување на дискриминаторските родови норми преку едукативни кампањи и кампањи за подигнување на свеста, промовирање на споделувањето на неплатената работа за нега и домашната работа меѓу жените и мажите во домаќинствата, значително зголемување на пристапот до прифатливо и квалитетно образование и нега во раното детство, како и соодветни семејни и детски бенефиции за намалување на јазот во грижата за децата, активно поттикнување на мажите да користат татковско и родителско отсуство преку соодветна компензација и култура која промовира поддршка на работните места и зајакнување на соработката помеѓу владите, приватниот сектор и граѓанското општество за подобрување на постојните одредби и воспоставување нови, сеопфатни системи за поддршка на семејствата.