Напорите да се влијае на стапките на плодноста може да ги поткопаат правата на жените, покажа Извештајот на УНФПА

44 проценти од жените кои имаат партнер, во 68 земји чиишто податоци се наведени во извештајот „8 милијарди животи, бесконечни можности: случај на права и избори”, немаат право да донесуваат информирани одлуки за своите тела кога станува збор за планирање на семејството и барање здравствена грижа.

Дополнително, околу 257 милиони жени ширум светот имаат незадоволена потреба за безбедно и сигурно планирање на семејство.

Ова се дел од наодите од извештајот кој денес е објавен од страна на организацијата за човекови права Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

Од организацијата посочуваат дека стравовите за населението се широко распространети и владите сè повеќе усвојуваат политики насочени кон зголемување, намалување или одржување на стапките на плодноста.

Но, напорите да се влијае на стапките на плодноста најчесто не се ефикасни и може да ги поткопаат правата на жените, се наведува во Извештајот на УНФПА за состојбата на светското население за 2023 година.

Извештајот повикува на радикално преиспитување на тоа како се обликува бројот на населението, апелирајќи до лидерите да ги напуштат преобемните наративи за бумот и падот на бројот на населението.

Од УНФПА посочуваат дека наместо да прашуваат колку брзо луѓето се репродуцираат, лидерите треба да прашаат дали поединците, особено жените, имаат можност слободно да носат одлуки за своето репродуктивно здравје – прашање чиј одговор, премногу често, е не.

„Женските тела не треба да бидат заробеници на целите за населението. За да изградиме просперитетни и инклузивни општества, без оглед на големината на населението, мора радикално да преиспитаме како ги планираме и зборуваме за промените на населението“ вели Наталија Канем, извршната директорка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА.

Оттаму истакнуваат дека политиките за плодност што се дизајнирани за зголемување или намалување на наталитетот најчесто не се ефикасни и можат да ги поткопаат правата на жените.

„Многу земји воведоа програми за креирање поголеми семејства нудејќи финансиски стимулации и награди за жените и нивните партнери, но и покрај тоа, нивните стапки на наталитет се под две деца по жена“, се вели во извештајот.

Дополнително, посочуваат наодите, планирањето на семејството не смее да се користи како алатка за постигнување на целите за плодноста – тоа е алатка за зајакнување на поединците. Жените треба да имаат можност да бираат дали, кога и колку деца би сакале да имаат, без да бидат принудени од експертите и службениците.

„Алармизмот што доминира во јавните дискурси за стапките на плодноста претставува вистински ризик и нè спречува да најдеме конструктивни решенија за сериозни, но решливи проблеми. Исто така, ризикува тоа да стане причина за одрекување на правата и телесната автономија на жените и девојчињата,“ вели Флоренс Бауер, директорка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Извештајот препорачува владите да воспостават политики чија суштина ќе бидат родовата еднаквост и правата, како што се програми за родителско отсуство, даночни кредити за деца, политики што промовираат родова еднаквост на работното место и универзален пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права.

Клучни факти и бројки за состојбата на светското население за 2023 година:

  • Според податоците од 68 земји, 11 проценти од жените кои имаат партнер немаат можност да донесуваат одлуки за планирање на семејството;
  • Истражувањето спроведено во осум земји покажа дека поголема е веројатноста луѓето кои биле изложени на медиумски написи или разговори за светската популација, да го сметаат глобалното население за преголемо;
  • Глобалната демографија брзо се менува – две третини од луѓето живеат во средини со низок фертилитет, додека осум земји ќе имаат половина од проектираниот раст на глобалното население до 2050 година (Демократска Република Конго, Египет, Етиопија, Индија, Нигерија, Пакистан, Филипини и Обединета Република Танзанија), што драматично ќе го преуреди рангирањето на најнаселените земји во светот;
  • Обвинувањето дека фертилитетот е една од причините за климатските промени не ги повикува на одговорност најголемите емитери на јаглерод диоксид. Од 8 милијарди луѓе, околу 5,5 милијарди не заработуваат доволно средства односно околу 10 американски долари дневно, за да можат значително да придонесат за емисиите на јаглерод диоксид;
  • Една неодамнешна студија на ОН покажа дека поголемата родова еднаквост во работната сила ќе придонесе многу повеќе за да се одржат економиите во општествата што стареат и се со низок фертилитет, отколку поставување цели со кои жените имаат повеќе деца.