УНИЦЕФ: Малтретирањето во училиштата е во пораст

Малтретирањето е распространето во образовните институции во Македонија. Безмалку 20 отсто од учениците во земјата, во 2022 година пријавиле редовно малтретирање. Освен тоа, во пораст се и дигиталното насилство врз децата, како и онлајн сексуалната експлоатација и злоупотреба, покажува анализата на состојбата со децата и адолесцентите во Македонија, која ја објави УНИЦЕФ, пишува новинската агенција Мета.мк.

„Стапката на малтретирање е посебно висока за ЛГБТИК+ учениците, при што 68 отсто од нив доживуваат малтретирање, потсмев или закани за време на нивното школување поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Дигиталното насилство врз децата, вклучително и онлајн сексуалната експлоатација и злоупотреба, се во пораст“, наведено е во анализата.

Бројот на пријавени случаи на насилство врз децата е во пораст во различни јавни институции од 2018 до 2022 година, делумно поради промените во механизмите за пријавување.

„Полициските записи покажуваат дека нагло е зголемен бројот на регистрирани случаи, од 153 во 2021 година на 1.104 во 2022 година, при што момчињата се застапени со 59,8% од жртвите. Центрите за социјална работа и образовните институции известуваат за слични трендови, со највисока инциденца кај децата на возраст од 6-14 години“, се наведува во анализата.

Во делот на препораките кои се однесуваат на насилството, пишува дека е потребно да се спроведе сеопфатно истражување за врсничкото насилство и национално истражување за насилството врз децата, во кое ќе се опфати сексуалната експлоатација на децата, пријавените случаи, истрагите, гонењата и санкциите.

Бројот на споделени експлицитни содржини за злоупотреба на деца двојно зголемен 

Бројот на споделени експлицитни медиумски содржини за злоупотреба на деца двојно се зголеми од 6.045 во 2021 година на 12.310 во 2023 година. Посебно познати случаи, како што е инцидентот „Јавна соба“ во 2020 година, ставија акцент на сериозните последици од злоупотребата на интернет, посебно кога е вклучено и споделување на експлицитни содржини и сајбермалтретирање, при што жените и децата се мета на малтретирањето.

„Ризиците се зголемуваат како што се зголемува времето поминато на Интернет. Бројот на пријавени случаи на насилство врз децата е во пораст во различни јавни институции од 2018 до 2022 година, делумно поради промените во механизмите за пријавување. Полициските записи покажуваат дека нагло е зголемен бројот на регистрирани случаи, од 153 во 2021 година на 1.104 во 2022 година, при што момчињата се застапени со 59,8% од жртвите. Центрите за социјална работа и образовните институции известуваат за слични трендови, со највисока инциденца кај децата на возраст од 6-14 години“, пишува во извештајот.

Полицајците и социјалните работници не се обучени да ги штитат жртвите 

Давањето одговор на онлајн злоупотребите и насилството е попречено поради недоволна обученост на полициските службеници и социјалните работници и недостаток на прилагодени услуги за децата жртви на онлајн сексуална злоупотреба, пишува во анализата.

„Постојат можности за зајакнување на меѓународната соработка за транснационално гонење за сексуална експлоатација на деца, зголемување на вклученоста на граѓанските организации во превентивните мерки и подигнување на свеста кај родителите и децата за онлајн ризиците“, се додава во документот.

Една третина адолесценти биле во депресија во ковид пандемијата

Услугите за менталното здравје и за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ), заедно со високите стапки што се однесуваат на адолесценти (13,4% во 2023 година), остануваат клучен предизвик, што посебно влијае на ранливите млади луѓе и на маргинализираните групи.

„Достапните податоци укажуваат на пораст на проблемите со менталното здравје кај децата и адолесцентите. Речиси 30% од адолесцентите пријавиле умерена до тешка депресија за време на ковид-19, а 42,1% доживеале значителна анксиозност. Стигмата продолжува да биде главна пречка за пристап до здравствена заштита, при што 94,2% од адолесцентите се чувствуваат непријатно да разговараат за прашања поврзани со менталното здравје поради општествената осуда и стигма“, наведено е во анализата.

Стапката на самоубиства кај младите (3.3 на 100,000, која е повисока кај момчињата и изнесува 4.5 на 100,000), останува под регионалниот просек. Студиите покажуваат загрижувачки пораст во предизвиците со менталното здравје, посебно кај помладата популација.

Наставниците не можат да се справат со индивидуалните потреби на учениците

Во документот анализирана е состојбата со наставниците и нивниот професионален напредок, за кој пишува дека не се обрнува доволно внимание.

„Наставниците се соочуваат со ограничени можности за професионален развој, со оскудни ресурси за обука и фрагментирани системи за оценување кои не можат целосно да го насочат напредокот кај учениците. На многу наставници им недостасува писменост за оценување, често потпирајќи се на механичко, сумативно оценување, наместо на формативни методи кои би можеле подобро да го утврдат напредокот на учениците. Тимовите за поддршка во училиштата се недоволно искористени, фокусирајќи се повеќе на справување со учениците кои се во поголем ризик отколку на потемелно подобрување на наставата. Оваа ситуација ја ограничува способноста на наставниците ефикасно да се справат со индивидуалните потреби на учениците и го ограничува целокупниот квалитет на наставата“, наведено е во анализата.

Дигитален јаз 

Напорите за интегрирање на информатичките и комуникациските технологии (ИКТ) во образованието се во тек, пишува во документот.

„Тоа вклучува воспоставување портали за е-учење, системи за управување со учењето и континуирана обука на кадарот за ефикасно користење на новите технологии и ИКТ алатки во образованието. И покрај дигиталниот напредок, образовниот систем се справува со технолошкиот јаз. Со само 0,43 компјутери по ученик, под препораката на ОЕЦД од 0,83, многу училишта немаат инфраструктура за поддршка на дигиталното учење. Овој недостаток непропорционално влијае на учениците од руралните средини и учениците со ниски приходи, ограничувајќи го пристапот до дигитални ресурси и влошувајќи ја нееднаквоста во образованието“, се наведува во анализата.

Мета.мк