Објавен е „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“ – првиот документ за сите достапни статистички податоци за децата во земјава

Државниот завод за статистика и УНИЦЕФ денес го промовираа извештајот „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“ во кој за првпат во една публикација се собрани сите достапни статистички податоци за децата во земјата.

Публикацијата „Профил на детската популација во Република Северна Македонија“ ги обединува податоците за децата од Пописот од 2021 година и административните податоци изработени од државните институции за низа области, вклучително и за деца во алтернативна грижа; деца кои примаат социјална помош и услуги; а меѓу другото и детски бракови и раѓања кај малолетни мајки. Извештајот, велат од УНИЦЕФ, обезбедува податоци собрани на едно место за состојбата на децата, како и увид во идните трендови, со цел да ѝ се помогне на владата при изработка на политики засновани на докази.

„Политиките и програмите за деца што се потпираат на податоци може да влијаат врз буџетските одлуки што водат кон заштеда на трошоци и оптимално искористување на ресурсите за секое дете. Со координирана работа на сите чинители заедно, податоците може да ги употребиме во корист на децата. За добри политики за деца, потребни се добри податоци. Развивањето политики чија цел е унапредување на детската благосостојба налага солидна база на информации за повеќе домени од животот на децата, вклучувајќи го физичкото и менталното здравје, социо-емоционалниот развој, учењето и образовните резултати“, нагласи претставничката на УНИЦЕФ“, рече претставничката на УНИФЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани на денешната панел-дискусија по повод претставување на публикацијата.

Марина Мијовска, советничка во Државниот завод за статистика, рече дека во иднина соработката со УНИЦЕФ, како и сознанијата за меѓународните практики во оваа област, може да отворат нов правец во развојот на статистиката и да овозможат достапност на податоци за децата на едно место.

„Заклучни согледувања за Северна Македонија објавени од Комитетот на Конвенцијата за правата на детето ја истакнаа потребата од сеопфатен, расчленет и сигурен механизам за собирање податоци меѓу секторите. Исто така, таму се повикува на меѓусекторска координација во процесот на формулирање, следење и евалуација на политиките и програмите за деца“, соопштуваат од УНИЦЕФ.

Публикацијата е достапна на македонски, албански и англиски јазик.