За подобар живот на децата, земјава треба да се справи со анксиозноста меѓу најмладите, антиваксерството и насилното воспитување

Справување со стапката на анксиозност кај децата, намалување на трендовите на употреба на насилни методи на дисциплинирање при воспитување, загадувањето на градовите, дезинформациите и антиваксерството се само неколку елементи кои треба да се подобрат за поквалитетен живот на децата во земјава.

Од ова се состои обраќањето на претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани по повод 30 години откако Македонија ја потпиша Конвенцијата за правата на детето и ја воспостави соработката со УНИЦЕФ.

Според ДиЏовани, напредокот на Македонија во изминатите 30 години може да се забележи во подобрувањето на законските и политички рамки за правата на децата, но и помалата смртност кај децата до 5 години, зголемениот пристап до основно и средно образование и отфрлањето на системот за згрижување на деца во големи институции.

„Земјата сѐ уште има висока перинатална стапка на смртност во споредба со земјите-членки на ЕУ. Поради дезинформации, децата испуштаат шанса да примат вакцини кои спасуваат живот. Освен тоа, дебелината кај децата зема замав, со што цели генерации се во ризик од проблеми со физичкото и менталното здравје во иднина. За да се спречи смртноста што се должи на причини што може да се спречат, за да се зголеми свесноста за придобивките од вакцините и за да се обезбедат адекватни информации за антиваксерските движења, ни требаат програми што во својата работа се раководат со податоци и факти“, се вели во обраќањето.

ДиЏовани посочува на реформите за де-институционализација, велејќи дека земјата може да се гордее што успеа да постигне веќе да нема деца сместени во големи институции, а дополнува дека се потребни дополнителни заложби за да се спречи напуштањето на децата.

„Земјата треба да се гордее и со силната правна рамка за заштита на децата од насилство, злоупотреба и занемарување и обезбедување пристап до правда за сите деца. Под итно се потребни инвестиции во човечките, техничките и финансиските ресурси за да се спроведат национални акциски планови поврзани со заштитата на децата и да се прошират услугите за заштита на децата. Има исто така итна потреба од зајакнување на програмите за обука за родителство и од популаризација на ненасилни воспитни стратегии земајќи предвид дека сѐ уште има голем број деца што се изложени на насилни методи на дисциплинирање во семејството“, вели ДиЏовани.

Таа посочува дека присутна е кризата во учењето, дополнувајќи дека повеќе од половина ученици на петнаесетгодишна возраст не ги задоволуваа основните нивоа на знаење по читање и математика.

„Сè уште не се познати ефектите од програмите за закрепнување од загубите во учењето за време на пандемијата. Исто така не е познато до која мера беа успешни заложбите на училиштата да ги опфатат децата кои се отпишале од училиште за време на КОВИД-19 . Зголемен е бројот на деца што покажуваат знаци на анксиозност и страв и затоа е потребна поддршка на менталното здравје во училиштата. Понатаму, како резултат од демографските промени кои не беа придружени со соодветни прилагодувања на мрежата основни училишта, распределбата на ограничените ресурси во образованието стана неефикасна и нерамноправна. Оттаму, предуслов за да се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца е зголемување на јавното финансирање во образованието и инвестициите во образованието“, нагласува ДиЏовани.

Според неа, неопходни се реформи на наставната програма за секое дете да се здобие со знаење, вештини и способности што ќе му помогнат да напредува во едно модерно општество. Потребно е образованиот систем да извлече повеќе од инвестициите. Децата кои заостануваа во резултатите во читање и математика пред пандемијата на Ковид-19 сега се возрасни луѓе кои или се запишуваат на факултет или стануваат дел од работната сила. Вака ќе биде со сите што доаѓаат, сè додека не се реши ситуацијата. Ова е итно. Ова е важно. Ова ќе има сериозни последици врз сегашните и идни генерации“, вели таа.

ДиЏовани се осврнува и на децата Роми, децата со попреченост и децата што живеат во сиромаштија.

„Поради пандемијата со КОВИД-19 и сѐ поголемата инфлација, расте бројот на деца што се во ризик од сиромаштија. Децата со попреченост и понатаму наидуваат на бариери во поглед на пристап до редовното образование, а децата Роми и понатаму наидуваат на бариери во поглед на напредување во образованието. Овие неправични состојби ги држат во постојана состојба на исклученост и ги лишуваат од можноста да ги следат своите врсници во развојот. Невозможно е да гледаме кон иднината без да се осврнеме на правичноста, а првиот чекор во оваа насока треба да биде надминување на повеќекратната дискриминација на ранливите деца“, вели таа.

Според претставничката на УНИЦЕФ, земјава треба да се посвети и на борбата со климатската итност, забележувајќи дека во споредба со возрасните, децата се поранлици на загадувањето на воздухот.

„Скопје и други градови во земјава честопати се наоѓаат меѓу најзагадените градови на светот. Мора да работиме заедно со децата и младите за да ги поддржиме заложбите за подобрување на образованието за животна средина и да ги поддржиме иницијативите на младите за справување со влошената животна средина и климатските промени“, вели таа.

ДиЏовани посочува дека Комисијата за правата на детето, во најновите заклучни забелешки за напредокот на земјата во остварувањето на детските права, согласно Конвенцијата и изборните протоколи, покрена неколку од овие прашања кои бараат итно постапување и за кои даде јасни и конкретни препораки.