Свирка на „Стог пост“ вечерва во „Макка“

Прв концерт на „Строг пост“ плус осветување на тазe реновираниот подрум на „Макка“ ќе се случи вечерва (среда, 5 октомври) со почеток од 20 часот.

„Строг пост“ e нов бенд на Филип Букршлиев (гитара), Дени Омерагиќ (бас) и Кристијан Новковски (тапани) – познати по својата работа во бендови како „Светлост“, „Палиндром“, „Fighting Windmills“, „Taxi Consilium“…

„Строг пост“ свири музика на цврста „рифовска“ основа, спакувана во композиции, кои венчаат пост-рок со free jazz и слободна импровизација. Ова е нивно деби.

Исто така, дел од својот репертоар ќе изведе Атанасија Гулевска ака ATA, во нејзиното клупско деби.

„Концертот ќе почне околу 21:30. Претходно од 20:00, a и по концертот ќе пуштаме музика во дворот на ‘Макка’. Ако се погоди времето“, стои во најавата.