„Не секоја патека треба да се асфалтира“ – реакции за асфалтирањето во Градскиот парк

Од платформата за македонска архитектура „МАРХ“, упатија реакција по повод асфалтирањето на пешачките патеки околу  малиот лавиринт во првиот дел од паркот, за кое од Град Скопје велат дека е дел од тековна реконструкција на Градскиот парк.

Од МАРХ посочуваат дека зачудува неразбирањето на дизајнот на овој простор од надлежните.

„Патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ Парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде“, пишуваат од МАРХ.

Од Град Скопје известија дека екипите на ЈП Улици и патишта, изминатите денови  започнале активности за реконструкција на патеките во близина на малиот лавиринт во првиот дел од паркот и дополнително уредување на зеленилото.

Градоначалничката Данела Арсовска, во своја писмена изјава посочи дека реконструкцијата на пешачките патеки ќе продолжи, а предвидено е да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк.

„Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса, истакна Арсовска.

Директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов, кој ја придружувал Арсовска на денешниот увид на реконструкцијата, дополни дека веќе е започната целосна реконструкција на пешачките патеки со ризла, по што ќе следи фаза на реконструкција на оштетените асфалтни патеки и нивна санација со нова асфалтна маса.

Освен реконструкција на пешачки патеки, од Град Скопје најавуваат  и обнова за зеленилото, поставување на нови садови за отпадоци, нова урбана опрема и санација на постоечката урбана опрема, како и реконструирање на плочници и тековно одржување на парковата опрема.