Во Англија е откриен фосил од првиот животински предатор

Научници од Обединетото Кралство го идентификуваа најстариот фосил познат како животински предатор, јавува „Би-Би-Си“.

Станува збор за примерок стар 560 милиони години што е пронајден во шумата Чранвуд во Лестершир. Примерокот, според научниците, најверојатно е претходник на групата жаркари, кои денес ги вклучува медузите.

Истражувачите го именуваа како „Auroralumina attenboroughii“ во чест на Сир Давид Атенборо, познатиот телевизиски биолог и природен историчар. Првиот дел од името потсетува на латинскиот израз за „Светилник во зори“.

„Мислам дека личи на олимпискиот факел, а неговите пипала се пламенот“, изјавил д-р Френки Дан од Универзитетот Оксфорд кој го пријавил откритието во весникот „Природа, екологија и еволуција“.

Според научниците ова е веројатно првиот пример на организам со скелет. Суштеството високо 20 центиметри било втиснато на долга, наклонета плоча од каменолом со тиња, а околу биле пронајдени други фосилни форми. Се смета дека сите изумреле по задушување во заматен проток што течел по подводното крило на древен вулкан.

Иако на луѓето можеби и не им е познато името „cnidaria“ (жаркари), сите ги препознаваат членовите на оваа група животни како коралите, медузите и морските саси. Една од нивните карактеристики е тоа што тие имаат убодни клетки со чија помош го ловат и убиваат својот плен.

Според професорот Дан, медузозоите претрпуваат транзиција во неколку фази во текот на нивниот животен циклус. Во текот на една фаза тие се закотвени на дното од морето, а понатаму во следната и репродуктивна фаза тие стануваат слободно лебдечки животни. Во оваа фаза тие развиваат тело на чадорче и пипала и тогаш стануваат медузи.