„Квир Бунт“ во СЦ „Дуња“ на 26 јуни

На 26 јуни (недела) во социјалниот центар „Дуња“ по вторпат ќе се одржи настанот „Квир Бунт“, преку кој, како што посочуваат организаторите „повторно сакаме да ја потенцираме реалноста – да си квир значи да си бунтовник“.

„Во време кога сме сведоци на сè построга реакција и сè почести напади врз квир заедницата (како и врз репродуктивните права и телесни слободи), важно е да се соочиме со реалноста: единствен пат кон слободата на квирот е преку борба, а не преку асимилација со нормативното кое толку немилосрдно нè напаѓа. Важно е и да ги отфрлиме обидите за наше разделување, особено кога сме сведоци на напади таргетирани конкретно кон нашите трансродови другари. Затоа, да ја негуваме солидарноста и взаемната помош меѓу нас и да бидеме гласни и немилосрдни во нашата одбрана и отпор“, стои во најавата за настанот.

Првата активност на настанот ќе биде „зин“ работилница која ќе започне во 16 часот и 30 минути.

„Зиновите се кратки самоизработени и издадени креативни дела кои се осврнуваат на некоја тема од интерес на авторот. Како дела на самоизразување, зиновите можат да бидат начин за осознавање на својот идентитет, разработување на општествени прашања и споделување на своите сознанија со други. Не мора да бидете креативно талентирани за да учествувате во правењето зинови, само да бидете отворени за ново искуство“, посочуваат од „Дуња“.

Дополнително, оттаму најавуваат и свирка на „J∆M“ и „DJ Noodle“ со почеток од 19 часот и 30 минути.