Роденденска забава за шестиот роденден на социјалниот центар „Дуња“ во сабота

Социјалниот центар „Дуња“ одбележува шест години од постоењето, па оттука во сабота во центарот е најавена роденденска забава.

Оттаму велат дека социјалниот центар започнал со функционирањето со паролата „подобро општество е возможно“, а веќе шеста година членовите на колективот заедно со луѓето кои ги споделуваат истите вредности, чекорат кон создавање заедница која се темели на другарство, рамноправност, еднаквост, толеранција и заедничарење.

„Така во овие шест години во С.Ц Дуња се случиле разно-разни активности, од кои произлегле и доста иницијативи, кои за цел имаат системски промени. Освен тоа што С.Ц. Дуња претставува автономен простор за културни активности, исто така е збирно место и за многу политички дискусии, кои честопати завршувале со излегување на улиците и протестирање за подобро утре. С.Ц Дуња продoлжува да се бори против капиталистичкиот систем и неолибералните политики, останувајќи оаза на слободата, ревносно и цврсто стоејќи, сардисана од сите страни со згради“, се додава во најавата за настанот.

Преку целиот ден, од 13:30 до 22 часот од „Дуња“ е најавена изложба на Марија Трпеска и Стефан Анчевски и бифе со вегетаријанска храна и пијалоци.

Од 13:30 до 14:30 часот ќе се одржи мултимедијален перформанс насловен „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“. Од 15 часот следи квиз насловен „Колку знаеш за пластичното загадување“, а програмата од 16 часот продолжува со размена на книги.

Исто така, од 17 до 19:30 часот во социјалниот центар ќе се одржи работилница за изработка на зинови, а од 20 часот ќе се одржи свирка, за која е најавено дека ќе бидат соопштени дополнителни информации.