Протест во Битола за поддршка на притворениот Ламбе Алабаковски

Во Битола денеска од 18 часот пред полициската станица е најавен протест за поддршка на пејачот Ламбе Алабаковски, на кој му е одреден притвор од 8 денови од судија на претходна постапка за подметнат пожар во културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Настанот се случи во саботата утрото, кога Алабаковски истурил шише бензин и го запалил влезот на Центарот, а е уапсен три дена по инцидентот. МВР потврди дека 34-годишниот пејач го признал делото.

За Алабаковски од Обвинителството е поведена постапка за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“ и побаран притвор од основано сомнение дека пејачот може да се даде во бегство, затоа што има двојно државјанство – македонско и американско.